Зимската сесија на Светскиот економски форум почна денеска во Давос, Швајцарија, прва од 2020 година, каде светските лидери ќе се обидат да ги премостат политичките поделби во поларизираниот свет, да ги стабилизираат нарушените економии и меѓу другото, да ја решат загриженоста за климатските промени.
Меѓу многуте други различни прашања за кои ќе се разговара за време на четиридневниот состанок, се и иднината на вештачките ѓубрива, улогата на спортот во општеството, употребата на нуклеарна фузија како извор на електрична енергија и состојбата со пандемијата Ковид-19.
На Форумот се очекува учество на повеќе од 600 директори на компании и повеќе од 50 шефови на држави, но не е јасно колку конкретна акција може да се очекува од овој настан на кој учествува светската елита.
На првата зимска сесија од почетокот на пандемијата, само шест месеци по летната сесија, ќе присуствува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, главниот американски преговарач за климатски прашања, Џон Кери, претседателот на Европската централна банка, Кристин Лагард, директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева, поранешниот американски потпретседател Ал Гор и новите претседатели на Јужна Кореја, на Колумбија и на Филипини.
Кинескиот вицепремиер Лиу Хе утре ќе се обрати на собирот, а денеска за првпат ќе се сретне со американската министерка за финансии Џенет Јелен, која ќе го пропушти Форумот во Давос.
На зимската сесија на Светскиот економски форум нема да учествуваат американскиот и кинескиот претседател Џо Бајден и Си Џинпинг, британскиот, индискиот и францускиот премиер Риши Сунак, Нарендра Моди и Емануел Макрон како и рускиот претседател Владимир Путин.
Првата дама на Украина Олена Зеленски е на пат за Давос и утре ќе се обрати на собирот, додека нејзиниот сопруг, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе присуствува на собирот од далечина и ќе се обрати в среда. На различни панели на Светскиот економски форум се појавуваат и други украински функционери.
Извор: МИА