„Особено сум горд што старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно, кое го посетив денес, станува Центар за промоција на македонскиот јазик. Ова вековно огниште на употребата на македонскиот јазик, ја потврдува констатацијата на нашиот јазичен визионер Блаже Конески, дека активната употреба на македонскиот јазик е неговата најголема промоција. Тоа го знаеле и македонските учители кои образувале низа генерации на мајчиниот, македонски јазик. Го знаеме и ние денес“, објави премиерот Ковачевски од денешната посета на Љубојно.
Затоа, нагласи Премиерот, и веќе се преземени активности за реконструкција и ревитализација на објектот на Старото училиште тука во Љубојно и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик.
„Со грижата за овие објекти, коишто се дел од нашето јазично и културно наследство, ја испраќаме пораката дека оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик дома и во светот. Продолжуваме во таа насока, со што го штитиме и афирмираме и нашиот посебен македонски национален идентитет’, истакна Ковачевски.