Во Бугарија има политичари кои ги бранат интересите на Кремљ, сакаат да се одалечиме од Европа и ги расипуваат односите со Северна Македонија, вели поранешниот бугарски министер за одбрана и безбедносен експерт Бојко Ноев.
„Не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека во реалноста има бугарски политичари кои ги влошуваат нашите односи со Северна Македонија и им даваат причина на македонските власти да најдат оправдување за конфликти со бугарските граѓани и македонските Бугари. Има бугарски политичари кои сакаат да бидеме одвоени од Европа и да ги браниме интересите на Кремљ“, изјави Ноев за бТВ.
За заканите од Софија за нова блокада на евроинтеграцијата на Скопје, Боев вели дека „никогаш немало вето за Северна Македонија“. Клучниот услов на Бугарија, како што посочува Боев, е правата на македонските Бугари да бидат заштитени и почитувани како на сите други народи во Северна Македонија, а додека тоа не се случи, нема европска иднина за земјата.
„Афирмацијата на македонскиот идентитет е на сметка на забраната на се што е бугарско, што се одразува и на луѓето во Република Северна Македонија, кои се сметаат себеси за Бугари. Македонските власти се правдаат дека не можат да направат измени во Уставот за признавање на правата на македонските Бугари. Но, во исто време тие за неколку дена донесоа закон против Бугарите“, рече Ноев.
Според него, промената на Уставот треба да е главен услов за европската перспектива на Северна Македонија.