Германската влада денеска официјално ја потврди испораката на 14 тенкови „Леопард“ во Украина и издавањето дозвола за испорака на тенкови на други земји, соопштено е во Берлин.
„Германија ќе испорача 14 тенкови ‘Леопард 2’ на Украина и во исто време ќе дозволи испорака на ‘Леопарди’ од други земји во Украина“, изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој рече дека оваа одлука ја соопштил канцеларот Олаф Шолц на седницата на Владата.
„Оваа одлука ја следи нашата линија на поддршка за Украина и ние продолжуваме да дејствуваме во тесна меѓународна соработка“, наведува Шолц во соопштението.
Се очекува Олаф Шолц попладнето на седницата на Бундестагот и официјално да ја потврди одлуката за испорака на тенкови „Леопард“ и издавање дозволи за други земји за испорака во Украина.
Германските политичари со големо мнозинство ја поздравија одлуката за испорака на тенкови „Леопард“ во Украина, а критиките доаѓаат од екстремната левица и десница.
„Предолго ја чекавме одлуката, таа беше донесена макотрпно, но на крај таа е неизбежна“, рече претседателката на Комисијата за одбрана на Бундестагот Мари-Агнес Штрак-Цимерман.
Таа додаде дека веста за испорака на тенкови од типот „Леопард“ е „спасувачка вест за храбриот народ на Украина“.
Потпретседателката на Бундестагот и лидер на владејачката партија Зелени, Катрин Геринг-Екард преку Твитер порача: „Леопардот е слободен“.
Од опозициските партии, само најголемата опозициска претставничка група во Бундестагот, Унијата ЦДУ/ЦСУ, ја поздрави одлуката за испорака на „Леопарди“ во Украина.
Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц истовремено го критикуваше доцнењето на оваа одлука на канцеларот Шолц.
„Бидејќи толку долго чекаше да се донесе одлуката, канцеларот Шолц остава впечаток на некој кој бил принуден на оваа одлука“, рече Мерц.
Членовите на опозициските партии Левица и Алтернатива за Германија (АфД) ја критикуваа одлуката за испорака како „опасна и неодговорна“.
„Германија се изложува на опасност директно да биде вовлечена во војната“, рече претседателот на пратеничката група на АфД, Тино Чрупала.
На опасноста од ваквата одлука укажа и претседателот на Левица, Дитмар Барч.