Во поглед на сивата економија имаме предизвици, што значи дека ќе имаме и нови проекти во оваа насока, рече директорката на УЈП Сања Лукаревска за време на годишната конференција „Година на нови можности“.
„Еден од најголемите проект е „е-фактура“, што е ризик фактор кај најголемите даночни обврзници. Тоа ќе значи намалување на фиктивните фактури и претставувањето лажна слика преку документација на обврзниците кои ја даваат пред УЈП“, рече Лукаревска.
Таа рече дека за овој проект треба поголем период на тест фаза, за да може даночните обврзници да се навикнат на овој проект.
„Паралелно се трудиме да воведеме и е-фискализација. Со тоа, ќе овозможиме да се направи даночен информациски систем, проект кој ќе биде дел од интегриран информациски систем за управување со јавните финансии“, истакна директорката на УЈП.
Таа кажа дека во борбата со сивата економија придонесуваат и договорите потпишани преку „Отворен Балкан“ за размена на податоци, бидејќи полесно се откриваат фирмите со неколку седишта кои затајуваат данок.