Централната разузнавачка агенција на САД оценува дека следните шест месеци ќе бидат клучни за одредување на конечниот исход од војната во Украина, изјави во четвртокот директорот на ЦИА, Бил Брнс, објави Си-Ен-Ен.
„Мислам дека она што ќе биде клучно, затоа што не оценуваме дека рускиот претседател Владимир Путин е сериозен во преговорите, клучот ќе биде на бојното поле во следните шест месеци“, рече Брнс, обраќајќи им се на публиката на Универзитетот Џорџтаун и додаде дека тоа ќе го стави до знаење дека рускиот претседател не само што нема да може да напредува понатаму во Украина, туку како што минува секој месец, има сѐ поголем и поголем ризик да ја изгуби територијата што незаконски ја зазеде досега.
Рускиот лидер, рече Брнс, мисли дека времето може да работи за него и верува дека може да ја совлада Украина, додека Европа и САД ќе ги зафати политички замор.
Но, директорот на ЦИА рече дека во ноември му рекол на еден од неговите руски колеги, Сергеј Наришкин, дека таа руска пресметка е длабоко погрешна, како што беше и првобитната одлука за почеток на војна на 24 февруари минатата година.
Како што претходно објави Укринформ, повикувајќи се на американските медиуми, Брнс тајно го посетил Кијив во јануари за да ја информира украинската страна за веројатните воени планови на Русија.
А. Р.