Повеќе од 2.000 мажи се уапсени во Индија поради договарање и склучување нелегални детски бракови, објавија денеска официјални лица.
Меѓу нив има повеќе од 50 хинду и исламски свештеници осомничени дека наводно склучувале бракови со малолетни девојчиња во сојузната држава Асам, изјави началникот на државната полиција Ѓанендра Пратап Синг.
Досега уапсивме 2.169 мажи врз основа на 4.074 регистрирани полициски случаи во кои се вклучени вкупно околу 8.000 мажи, истакна Синг.
Многу случаи на детски бракови во Асам, држава со 35 милиони жители, остануваат непријавени.
Според Националното биро за евиденција на криминал, само 155 случаи на детски бракови биле регистрирани во таа земја во 2021 година и 138 во 2020 година.
Во Индија, според законот, бракот е дозволен кога мажите ќе наполнат 21 година, а жените 18 години. Парламентот разгледува законски предлог за поместување на старосната граница за жените на 21 година поради родова еднаквост.
Сепак, сиромаштијата, недостатокот на образование и социјалните норми и практики, особено во руралните средини, се причина за детските бракови низ целата земја.
Локалните медиуми објавија дека девојчињата, некои со бебиња в раце, протестирале во солзи поради апсењето на нивните сопрузи.
Се мачевме и некако врзувавме крај со крај. Но, бевме среќни заедно. Кој ќе ни обезбеди егзистенција сега кога мојот сопруг е уапсен, праша една девојка.
Синг нагласи дека детските бракови се една од причините за високата стапка на смртност на новороденчиња и родилки во Индија.