Ратификуваните договори од иницијативата „Отворен Балкан“ се многу битен чекор на отворање на границите и отклонување на бариерите коишто постојат меѓу државите од Западен Балкан, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервју за Македонско радио.
„Тоа е суштинската важност на иницијативата Отворен Балкан на којашто ние укажуваме цело време. Овие договори беа ратификувани и во Албанија, и во Србија, чекаа на ратификација кај нас. Најпрво имаше скепса од страна на опозицијата, пак блокади и незакажување на Комисијата за надворешни работи. Потоа, откако помина на Комисијата за надворешни работи, релативно брзо, кога се создадоа услови беше ратификувана“, истакна Маричиќ.
Според вицепремиерот договорите од оваа иницијатива практично ќе им овозможат на нашите граѓани без вадење работни дозволи да се вработуваат во земјите од „Отворен Балкан“.
„Практично да можат слободно, во определени професии да работат и во Албанија и во Србија, секако и граѓаните на Албанија, Србија да работат кај нас. Тоа е воспоставува една нова рамка на мобилност меѓу граѓаните на овие наши три држави. И исто така оваа идентификациона картичка треба да создаде услови за слободно движење за граѓаните, и на патарините, и на граничните премини“, кажа Маричиќ.