Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на церемонијата за време на пречекот на припадниците на Армијата, кои се вратија од хуманитарната операција во Турција, изјави дека според информациите добиени од НАТО, нашата Армија беше во првите пет кои пристигнаа на лице место, практично 24 часа после земјотресот.
– Вашиот ангажман на лице место беше во рамки на најпрофесионалните достигнувања што може да ги очекува еден врховен командант, еден началник на Генералштаб, министер. Вашето постигнување таму, вашето залагање без одмор 24/7, сите вие вклучително и службените кучиња, беше нешто што само може да се посака секогаш кога вежбате, кога тренирате, кога се подготвувате за лошо и за добро и во тој дел не постои ниту една замерка, ниту од локалното население, ниту од луѓето од турската Армија. Нашите мисли се со оние кои ги изгубија најмилите, рече Пендаровски во обраќањето.
Турскиот амбасадор во Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок за време на пречекот се заблагодари за помошта и напомена дека земјава со претседателот, Владата, но и со сите релевантни институции, ги мобилизираа сите свои можности за испраќање помош до регионот погоден од земјотресот.
– Турција пред две недели ја доживеа најгрозоморната природна катастрофа во својата блиска историја. Северна Македонија од првите мигови откако се прочу веста, која длабоко не трогна сите, рече дека во овие тешки денови со сите можности ќе стои до Турција. Екипите за заштита и спасување веднаш беа испратени кон погодениот регион, додаде амбасадорот