Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната 431 седница со 11 гласа „за“ и два „против“ го усвои предлогот до Собранието за судија на Уставниот суд од редот на судиите да биде предложена судијката од Апелационен суд Скопје Елизабета Дуковска.
Дуковска се предлага на местото на судијката Вангелина Маркудова, чиј мандат истече.
Судијката од Апелационен суд Скопје Елизабета Дуковска беше предложена од членот на Судскиот совет Зоран Герасимоски.
Дуковска дипломирала на Правниот факултет во Скопје на 19 октомври 1987 година, правосуден испит положила во Скопје на 15 февруари 1990 година. Првпат била избрана за судија во Основен суд Скопје I – Скопје на 19 март 2004 година, каде постапувала по предмети во стечајното одделение.
Од јули 2007 година работела како стечаен судија во Основен суд Скопје II – Скопје, а на 19 ноември 2009 година е избрана за судија во Апелациониот суд Скопје, каде постапува по предмети во трговскиот оддел и е претседател на совет.
Освен Дуковска, за членови на Уставниот суд беа предложени и судијката Татјана Сусулеска од Апелационен суд Битола и судијката Антоанета Димовска.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, пред гласањето рече дека неспорно сите три предлози се со долгогодишно искуство, но за неа лично поприфатлив е предлогот на Герасимоски.
– Судијката Елизабета Дуковска сметам дека е најсоодветниот кандидат, изјави Дамева.
Изборот на функцијата судија на Уставен суд е со мандат од девет години.