ДРАГАН МИШЕВ
Откако Путин укина еден од неговите „мајски декрети“ од 2012 година, со кој делумно се потврдуваше суверенитетот на Молдавија во решавањето на иднината на Приднестровје, сепаратистички регион што се граничи со Украина, каде што Русија има свои трупи, се чини дека обрачот околу најмалата република произлезена од бившите советски републики, сè повеќе се стега.
Ова ги подгрева наводите од анализата на ЦивилМедиа од почетокот на јануари, „Status quo, позиционирање за преговори и проширување на конфликтот како можно сценарио за текот на војната во Украина во 2023 година“, каде се вели дека постојат стравувања поради индициите според кои Путин ќе се обиде конфликтот да го прошири на други територии во државите од опкружувањето, исто така поранешни советски републики, како Молдавија на пример, со што верува дека ќе изврши дополнителен притисок врз Украина и западните сојузници, и дополнително ќе ја зајакне својата преговарачка позиција.
Следот на настаните околу Молдавија само го потврдува се поголемото вклучување на оваа поранешна советска република од страна на Русија во големата шаховска партија во Украина, во улога на фигура за жртвување, за спас на Кралот откако партијата веќе е доведена во „цајтнот“.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја гледа Молдавија како нареден „антируски проект“, бидејќи и во Молдавија, како и во Украина се отцепија делови, каде владеат проруски сепаратисти. Молдавија, која се наоѓа на западната граница на Украина, Москва ја смета за прозападна и го обвинува Западот дека ја користи за да се прошири на Исток, во руската зона на влијание.
Молдавската разузнавачка служба соопшти дека Русија дејствува за да ја дестабилизира поранешната советска земја, по коментарите на претседателот на Украина дека Кијив пресретнал план на Москва.
„СИС потврдува дека, како од информациите презентирани од нашиот украински партнер, така и од нашите оперативни активности, се идентификувани субверзивни активности со цел поткопување на Република Молдавија, дестабилизација и нарушување на јавниот ред“, соопшти молдавската служба за разузнавање и безбедност во соопштение.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, обраќајќи се на самитот на ЕУ, им рече на шефовите на владите на ЕУ дека Кијив „го пресретнал планот за уништување на Молдавија од страна на руското разузнавање“.
„Овој документ покажува кој, кога и како ќе ја скрши демократијата на Молдавија и ќе воспостави контрола над Молдавија“, рече тој, додавајќи дека веднаш го предупредил Кишињев.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду предупреди за наводниот план на Москва да ја собори нејзината Влада со помош на надворешни саботери, да ја стави поранешната советска република „во служба на Русија“ и да ги спречи нејзините аспирации еден ден да се приклучи кон Европската унија.
Планот за следниот период вклучува акции со воено обучени саботери камуфлирани како цивили кои ќе преземаат насилни акции, ќе нападнат некои воени згради, па дури и ќе земаат заложници, изјави Санду на брифингот за новинари во Кишињев.
Таа истакна дека со помош на протестите на опозицијата, Русија има намера да спроведе сценарио за државен удар. Заговорот за државен удар што Москва го подготвува за Молдавија сведочи за огромниот апетит на Русија за експанзија.
Во соопштението на СИС се вели дека СИС не може да даде повеќе детали „бидејќи постои ризик од загрозување на различни тековни оперативни активности“.
Во декември минатата година, шефот на молдавското разузнување Александру Мустеата предупреди на „многу висок“ ризик од нова руска офанзива кон истокот на неговата земја следната година и рече дека Москва сè уште има за цел да обезбеди копнен коридор низ Украина до Придњестровје.
Како што пишуваше лондонски Тајмс во мај, Русија ќе се обиде да отвори нов фронт против Украина од Молдавија, според украински воени извори.
Според изворите на Тајмс, има „бројни индикатори“ кои укажуваат на напад во блиска иднина врз поранешната советска држава, која има само 3.250 војници во својата армија. Успешното преземање на Молдавија ќе доведе до преселба на руските трупи за напад врз црноморското пристаниште Одеса.
Како прилог кон овие тврдења, може да се сметаат и неодамнешните руски акции со цел ескалација на состојбата на украинско – молдавската граница, кога две руски крстосувачки ракети од типот Калибр ја преминаа државната граница меѓу двете држави и влегоа во воздушниот простор на Романија, предупреди врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни.
Во друг издвоен случај од почетокот на февруари, подводен руски беспилотен чамец го погоди мостот што го поврзува копното на Украина со Молдавија во регионот Одеса.
На црно-белата снимка се гледа како малиот подводен дрон брзо се движи кон клучниот украински мост Затока, кој се наоѓа јужно од Одеса и ја поврзува со Молдавија, и додека поминува одоздола, се случува експлозија.
Откако Русија ја нападна Украина пред речиси една година, малата Молдавија со своите 2,6 милиони жители, сместена меѓу Украина и Романија, постојано е под притисок од дестабилизација.
На годишнината од руската инвазија на Украина, Русија само ги зголемува овие притисоци, повторувајќи ја матрицата кој го спроведе при инвазијата на Украина, повикувајќи се на заштитата на загрозените руски интереси и руско население во Молдавија, и секако, игра на картата на неодлучноста на западните, (особено европски) сојузници.
Неодамнешните пораки од состанокот на Алијансата во Брисел, кога од највисоките официјални лица се упатија драматични пораки за недостаток на муниција за поддршка на Украина во одбрана од руските напади, во Кремљ можеби ги сфатија како „ОТВОРЕНА СЕЗОНА ЗА ЛОВ“ на преостанатите ретки ѕверки кои не се дел од НАТО алијансата во руското соседство.
Извор: ЦИВИЛ Медиа
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.