Амбасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман во видео интервју говори за проектот „Здружени за ЕУ“ кој го спроведува Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје во конзорциум со академски установи и невладини организации од неколку европски држави, поддржан од Вишеградскиот фонд и МНР на Република Кореја, а во ко-продукција со Цивил Медиа.
Проектот „Здружени за ЕУ“ (Alliances for EU) нуди анализи и инцијативи на застапување кои имаат за цел да ги деполаризираат меѓукултурните односи на Македонија и Бугарија, и, со тоа, да помогнат да се надмине можноста од нов застој во процесот на проширувањето на ЕУ. Овој проект се надоврзува на претходните иницијативи обединети под насловот „Авении на соработка“ (Avenues of Cooperation), во облик на два проекта кои се надоврзуваа, едниот поддржан од USAID-BTD а другиот, повторно, од Вишеградскиот фонд.
Проектот им дава глас на оние кои бараат решенија наместо проблеми, причини да се биде пријател наместо да се мрази, и на оние кои се способни за самокритика пред да критикуваат други – тоа се аспектите на деполаризација на овој проект. Другиот аспект е споделената цврста посветеност на ЕУ проширувањето.
Извор: ЦИВИЛ Медиа