Пишува: СОЊА ТАНЕСКА
Џејмс Браун пее, „ова е машки свет, но тој не би бил ништо без жена или девојка“. Мажите ги измислиле превозните средства, електричната енергија, мажите прават сè, мажите прават пари, но без жената нивното срце би било пусто и огорчено. Колку има вистина во овој хит од 60-тите? Мажите уште од најрано време имале за задача да ловат и носат храна во домот и да го штитат семејството, а жените да се грижат за домаќинството, но дали е тоа сменето низ годините или пак живееме во малку помодерна верзија од минатото.
Денес кога наголемо се „урла“ за женската еманципација во општеството, за рамноправноста меѓу половите, модерните жени сепак се збунети – дали сè уште живееме во машко општество? Зошто мажите ги поставуваат нормите и правилата? Дали тој значително помал процент на жени инволвирани во политиката во споредба со мажите, е доволен за да речеме дека живееме во општество каде владее хармонија во половата еднаквост?
Жените и во 21 век се уште се борат за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Се уште не заработуваат како мажите иако работат на исти позиции, а исто така само третина од работоспособните жени се вработени.
Родовата еднаквост е една од глобалните цели. Жените ја сочинуваат нешто повеќе до пола од вкупната популација во светот, а сепак нивниот придонес во економскиот раст е далеку под потенцијалот. Најчесто се доживеани во улога на домаќинки, мајки, сексуален објект…
Неискористувањето на високиот потенцијал и способностите на високо квалификуваниот женски кадар претставува загуба на таленти и загуба за економијата во целост иако многу студии покажале дека компаниите кои имаат жени на високите менаџерски позиции имаат подобри финансиски и организациски перформанси наспроти компаниите кои се man-only.
Демократските идеали за инклузивност, одговорност и транспарентност не може да бидат постигнати без политики, мерки и пракси кои ги адресираат нееднаквостите. Мажите и жените треба да имаат иста шанса да го достигнат својот потенцијал што и да одлучат да прават, а не вторите да бидат граѓани од втор ред.
Во суштина ништо не е сменето од пред повеќе од еден век, и Клара Цеткин и Роза Луксембург се бореле за истот, да добијат право на глас, да им се подобри положбата во општеството и да имаат еднакви плати со мажите. За жал жените во светот уште се борат за право на глас – дома, на работа, во Собрание, на улица…
Законски решенија само на хартија?
ЕУ ја признава еднаквоста меѓу жените и мажите како основно право и заедничка европска вредност. Официјалниот пристап на ЕУ во поглед на политиките за родова еднаквост налага вклучување на родовата перспектива во главните политики, односно интеграција на родоватаперспектива во подготовката, осмислувањето, спроведувањето, следењето и во евалуацијата на политиките, регулаторните мерки и програмите за трошење, заради унапредување на еднаквоста меѓу жените и мажите и борба против дискриминацијата.
Токму затоа и Северна Македонија, како земја кандидатка за ЕУ, се очекува да го подобри квалитетот и достапноста на родовите статистички податоци и да ја подобри нивната употреба во подготовката и координацијата на јавните политики во претпристапниот пристапниот период.
Во 2015 година беа донесени измени и дополнувања на Изборниот законик, со кои родовата квота беше зголемена на 40%, во 2020 година пак беше донесен и нов Закон за спречување и заштита од дискриминација со кој родовиот идентитет и сексуалната ориентација се вбројуваат во дискриминирачките основи и во националното законодавство се воведува концептот на интерсекциска дискриминација.
Од клучно значење за постигнување родова еднаквост е да се елиминира насилството врз жените и семејното насилство. Северна Македонија ја потпиша Истанбулската конвенција во 2011 година, а ја ратификуваше во 2017 година. Истанбулската конвенција стапи на сила во јули 2018 година и е една од најважните меѓународни заложби на земјата во областа на превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. МТСП подготви Национален акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција 2018 – 2023 година, а во 2021 година беше донесен нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кој е во согласност со барањата на Истанбулската конвенција.
Се раѓаат повеќе момчиња, но жените живеат подолго
Населението во Северна Македонија во целина е родово балансирано. Секоја година се раѓаат повеќе момчиња отколку девојчиња, но жените во просек живеат подолго од мажите. Ова значи дека кога се гледа населението како целина, има повеќе момчиња и мажи меѓу помладите возрасни групи, но повеќе жени како што населението старее. До моментот кога луѓето ќе наполнат 85 години, бројот на жени е поголем од бројот на мажи во сооднос речиси два наспрема еден.
Во Северна Македонија жените (на возраст од 15 години и повеќе) се значително помалку активни на пазарот на труд од мажите од истата возрасна група. Во 2020 година стапката на учество на жените на пазарот на трудот изнесуваше 45,7%. Тоа значи дека 54,3% од жените би се сметале за економски неактивни. За споредба, во истата година стапката на учество на мажите на пазарот на трудот изнесуваше 67,1%, што остава само 32,9% од мажите што би се сметале за неактивни.
Разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на труд доведуваат до родов јаз. Во Северна Македонија родовиот јаз во стапката на вработеност кај лицата на возраст од 20 до 64 години изнесува 17,5%. Иако постоењето на родов јаз е очекувано, бидејќи тој го одразува фактот дека жените многу почесто поминуваат време надвор од пазарот на труд за да ги одгледуваат децата и поради други семејни обврски, јазот во Северна Македонија е поголем од јазот во ЕУ. За споредба, во ЕУ родовиот јаз во 2020 година изнесуваше 11%.69
Жените најчесто се вработени лица, а не шефови
Мажите почесто се работодавачи или работници за сопствена сметка, додека жените обично работат како вработени лица. Работниците за сопствена сметка се самовработени, обично во мали претпријатија. Жените многу почесто се неплатени семејни работници, а овој тренд се зголемува со текот на времето. Неплатените семејни работници генерално работат во земјоделството, на земјоделски стопанства.
Застапеноста на мажите меѓу работодавачите и самовработените лица укажува на фактот дека жените наидуваат на бариери за основање и водење сопствен бизнис во Северна Македонија. Во приватниот сектор жените поретко се работодавачи во споредба со мажите без разлика на големината на претпријатието.
Меѓутоа, во текот на последната деценија се забележува подобрување на позицијата на жените како работодавачи во претпријатија што вработуваат од 11 до 19 лица. Ова може да биде резултат на владините мерки за поддршка на жените претприемачи, што изгледа дека имаат особено влијание врз малите претпријатија.
Жените заработуваат помалку од мажите
Достапните информации за нето-платите покажуваат дека жените заработуваат помалку од мажите во сите категории плати. Родовите стереотипи и традиционалните родови улоги сè уште преовладуваат во земјата. Жените преземаат голем дел од неплатената домашна работа и грижа. Процентот на жени што поминуваат време на вакви неплатени домашни работи е седум пати поголем од процентот на мажите – со разлика од 60,7 проценти.
Како резултат на времето што го поминуваат на домашни работи и грижа, жените, во споредба со мажите, имаат помалку време за спортски, културни и слободни активности, вклучително и за доброволни и добротворни активности.Особено важно, товарот на неплатената работа на жените директно влијае врз нивното помало учество на пазарот на трудот и претставува една од причините поради која жените се економски неактивни.
Што е со жените во политиката?
Публикацијата Жените и мажите во Северна Македонија од 2022 година не опфаќа податоци за тоа како жените и мажите се застапени на позициите на кои се носат одлуки, што е важен показател за нивото на зајакнување на жените. Во Северна Македонија Државната изборна комисија е одговорна за собирање, обработка и анализа на податоците за кандидатите на изборните листи на централно и на локално ниво. Сепак, податоците во моментов не се поделени по пол, туку по политичката партија на избраните кандидати.
Од 1991 година наваму, ниту една жена не е избрана за Претседател на Северна Македонија, за Премиер на Владата на Северна Македонија, ниту за Претседател на Собранието на Северна Македонија.
Две преодни влади на Северна Македонија беа предводени од премиерка, и двете на кратки периоди во 2004 година – 21 ден и 24 дена.
Жените се недоволно застапени на министерските позиции во извршната власт. Во првата влада во 1991 година ниту една жена не беше назначена на министерско место. До зголемување на учеството на жените дојде кога беше формирана втората влада во 2004 година – две жени беа именувани за министерки (15,4%).
Во последните две влади, избрани во 2017 и во 2022 година, бројот на министерки се зголеми на четири. Измените на Изборниот законик што налагаа прво 30%, а потоа 40% од недоволно застапениот пол да биде застапен на кандидатските листи, придонесоа за постојано зголемување на бројот на пратенички во Собранието на Северна Македонија. Иако бројот на пратенички беше екстремно низок во периодот од 1990 до 2002 година, кога за првпат беа воведени афирмативните мерки (квоти), до 2020 година 39,2% од пратениците беа жени – што е најголем удел на жени во Собранието на државата.
Сепак, во моментов има само една пратеничка Ромка, а во периодот од 1991 до 2020 година, од вкупно 34 потпретседатели на Собранието, само шест биле жени.
Дали граѓаните гласаат за жени градоначалници?
Преглед на трендовите во областа на родовата еднаквост Застапеноста на жените на извршни позиции на локално ниво е мала и се задржува на истото ниво во изминатите децении. Од независноста на земјата па наваму, локални избори се одржани вкупно седум пати. Во период од 25 години, само 18 жени се избрани за градоначалнички на локалните избори, наспроти 642 мажи градоначалници.
Во одредени години – 1996 и 2009 година – ниту една жена не била избрана на изборите за градоначалници на општините. Највисокиот процент на градоначалнички што се избрани изнесува 7,4% (6 жени), и тоа во 2017 година.
И покрај нивната мала застапеност на градоначалничките позиции, жените се активни и гласни за време на изборните кампањи. Најголем број жени се кандидирале на изборите за градоначалници во 2013 година, додека во 2017 година 37,5% од кандидатите за градоначалници биле жени, а биле избрани шест од секои 16 жени што се кандидирале. Во 2021 година за градоначалнички беа избрани само две жени, од кои едната е градоначалничка на Скопје.
Една од причините поради која жените сè уште имаат ограничен пристап до одлучување е ограничената поддршка што ја добиваат како кандидатки за лидерски позиции. Недостигот на жени на позиции на кои се носат одлуки на локално и на централно ниво е тесно поврзан со недоволната внатрешна поддршка во политичките партии, сеприсутниот говор на омраза насочен против жените во политиката, како и присутните родови улоги, стереотипи и предрасуди во општеството.
Жените повеќе изложени на родово базирана дискриминација
Во извештајот на Реактор за Родово базирана дискриминација и работнички права во државата од 2020 се заклучува дека жените се сепак повеќе изложени на родово базирана дискриминација.
„За да не ја изгубам работата, бев принудена да се вратам на работа 14 дена откако го родив своето дете.“;
„На интервју за работа, ми кажаа дека работата не може да ја работи жена, бидејќи жените се помалку интелигентни од мажите“;
„На истата работна позиција, за истите работни обврски и ниво на образование, заработував 3000 денари помалку од мојот колега.“ – се само неколку од споделените сведоштва на работничките во истражувањето.
Дискриминацијата е најчесто поврзана со сексизам и родови стереотипи кои се во контекст на женската репродуктивна улога, грижа за деца и лица на кои им е потребна поддршка, и домашната работа и се во конфликт со работната средина од страна на работодавците и менаџерите. Бременоста останува ризичен кариерен чекор – жените честопати се принудени да избираат помеѓу имање платена работа, кариера и имањето деца – а оваа одлука понекогаш е условена од нивните работодавци. Тие се казнети со пониски работни позиции и бариери при унапредувањето, како и пониски плати во споредба со мажите, само затоа што се жени и имаат репродуктивна улога, покажало нивното истражување.
Какви се состојбите во ЕУ?
Иако жените во ЕУ се пообразовани од мажите, тие во просек заработувале за 14,1 отсто помалку од нивните машки колеги, објавено е во Европскиот монитор за работа издаден од Европската комисија и Еврофонд. Важно е да се истакне дека ова се податоци за 2019 година и дека не го покажуваат влијанието на пандемијата врз платите.
Иако резултатите од ова истражување не се задоволителни, сепак тоа е помала разлика во заработката во однос на претходната деценија – во 2010 година жените заработувале 15,8 отсто помалку.
Но, ако стеснувањето на јазот продолжи со ова темпо, ќе бидат потребни повеќе од 70 години за Европската унија да ги изедначи заработувачките на мажите и жените.
Интересно е што овие проценти се во контраст со нивото на образование, бидејќи жените се генерално пообразовани од мажите во речиси сите европски земји.
Сепак, секоја од европските земји има своја статистика во оваа област. Во некои земји, јазот меѓу заработката на мажите и жените е значително помал, а во други е неверојатно висок. Најмала разлика во заработката меѓу мажите и жените имаат Луксембург, Романија и Италија, од пет отсто, додека најголем јаз е забележан во Естонија, Летонија, Австрија и Германија (20 отсто).
Кога за критериум се земаат економските гранки, најголемата разлика во заработката има во финансискиот сектор.
Како што стареат, положбата на жените постојано се влошува, па освен што потешко наоѓаат работа доколку им се потребни дополнителни приходи, имаат и значително помали пензии од мажите. Имено, машките пензионери во ЕУ добиваат 29,5 отсто повеќе од нивните пензионери, покажува ова истражување.
Извор за статистички податоци во Северна Македонија: Жените и мажите во Северна Македонија:
Статистички портрет на трендовите во областа на родовата еднаквост, публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Извор: ЦИВИЛ Медиа