Денеска се сеќаваме на сите 7144 Евреи, тие не се бројка, тие се светлината која ни го покажува патот. Затоа денеска, како и сите денови, гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен, да го слушнат сите, рече во своето обраќање вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестии, Фатмир Битиќи на спомен обележјето во чест на депортираните Евреи од Македонија во дворот на некогашниот Тутунски комбинат Скопје.
-7144 Евреи, од ова место, каде што сега стоиме, пред 80 години, засекогаш ги нема. Нивниот живот заврши. Брзо, сурово, непотребно. Заврши поради лудата и крволочна идеја на неколку, кои беа потоа поддржани од многу други. Ете толку е лесно злото да надвладее. Затоа денеска, како и сите денови, гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен. Да го слушнат сите. Нивните животи можеби завршија, но нивниот дух е постојано со нас, да не потсетува и да не храбри, рече Битиќи кој ја предводеше Владината делегација.
Злото на Холокаустот не смее да се повтори, подвлече Битиќи.
-Пред безмилосно да бидат убиени во логорот Треблинка, нивното тело и човечко достоинство беше кршено, ослабнато, изгладнето, поразено, слободата и идентитетот заробени. Но духот, не умира. Тој живее со оние и за оние кои се сеќаваат на нив, кои ги носат во умот и душата, оние кои со непокор застануваат пред злото и велат, доста е. Од тој непокор се изнедрува надеж за иднина и слобода, еднаквост, правичност и праведност. Денеска се сеќаваме на сите нив, тие не се бројка, тие се светлината која ни го покажува патот. Се сеќаваме, за никогаш да не се повтори, порача вицепремиерот Битиќи.Покрај вицепремиерот Битиќи, владината делегација ја сочинуваа министерка за одбрана Славјанка Петровска, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На спомен обележјето во чест на депортираните Евреи од Македонија во дворот на некогашниот Тутунски комбинат Скопје со пригодни говори се обратија и претседателот на парламентарната група за пријателство на Израел и Северна Македонија, Хамад Амар, Ернест Херцог, од Светскиот Еврејски Конгрес, Марија Багдасарова, од Европскиот Еврејски Конгрес и претседателот на еврејската заедница во нашата земја, Пепо Леви.
На споменикот, свежо цвеќе покрај владината делегација, положија и останатите делегации како пратеници од Израел, претставници на еврејски здруженија од земјава и светот, претставници на парламентарни политички партии и претставници на дипломатски кор.
Одбележувањето на 80 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи: Никогаш повеќе! е во организација на Еврејската заедница на РМ и Фондот на Холокаустот на македонските Евреи, а под покровителство на Владата на Република Северна Македонија.
Фото: Влада на РСМ
Извор: МИА