Европската унија ќе направи напори да го зголеми производството на муниција наменета за Украина од „петнаесет индустријалци во единаесет земји“ членки на заедницата. Ова денеска го изјави европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон.
„Треба многу да се брза – војната во Украина, трагична и по налог на Владимир Путин, се претвори сега во војна на ровови, војна на директна конфронтација, а работите јасно зависат од тоа кој ќе испрати повеќе муниција, едната или другата страна. “, рече Бретон во пренос на радио Ер Ем Се. Тој нагласи дека што се однесува до доставувањето муниција, Украина „е зависна“ од Европа.
Украинската армија постојано алармира поради недостигот од гранати од 155 милиметри за топовите што ги користи против руските војници.
Бретон посочи дека ќе ги посети Бугарија и Словачка оваа недела за да направи напори локалната индустрија за оружје „многу брзо да го зголеми производството“ и да ги покани индустријалците да го зголемат својот производствен капацитет.
Оваа „тема го засега целиот западен свет“, истакна тој, потсетувајќи на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг минатата недела во Стокхолм, каде беше усвоен план од 2 милијарди евра за итни набавки на достапни материјали за Украина и за заеднички нарачки на муниција.
„Што се однесува до проектилите од 155 милиметри, тие повеќе се произведуваат во Европа отколку во САД. Овој тип муниција главно е наменета за војни со висок интензитет и никој навистина не замислуваше повторно да има војни со висок интензитет, особено во Европа“, додаде европскиот комесар.