Приоритет ставам на покрупните реформски процеси кои веќе се започнати, да овозможиме континуитет и нивно целосно ефектуирање. Ќе ја издвојам промената во основното образование. Годинава имаме опфат на нови одделенија за кои се изработуваат наставни планови, програми и учебници кои мора да бидат подготвени и достапни пред 1 септември, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Во меѓувреме, како што истакнува Шаќири во интервјуто за Факултети.мк, ќе се посветиме на подобрување на образовната инфраструктура, не само во основното туку и во средното и високото образование.
-Мора да обезбедиме пристојни услови за настава за сите ученици и студенти. Обезбеден е убедливо најголем буџет досега за капитални инвестиции, над 18 милиони евра. Планираме изградба на 3-4 училишта, реконструкција на 118 училишни објекти, изградба на 10-ина спортски сали, нов универзитетски кампус за „Мајка Тереза“, како и да продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФК, нагласува министерот за образование и наука.