Руски воен авион утринава го оштетил пропелерот на беспилотното летало MQ-9 Reaper на американското воено воздухопловство над Црното Море, изјави американски претставник запознаен со инцидентот. Беспилотно летало Reaper и два авиона SU-27 Flanker летале над Црното Море кога еден од руските авиони намерно пролетал пред дронот и истурил гориво пред него, истакна официјалниот претставник.
Еден од авионите потоа го оштетил пропелерот на Reaper, кој е поставен на задниот дел на дронот, потврди официјалниот претставник. Оштетувањето на пропелерот ги принуди Американците да го соборат Reaper во меѓународните води на Црното Море, јави Си Ен Ен.
Руски и американски авиони летаат над Црното Море во текот на војната, но ова е прва позната таква интеракција, потенцијално опасна ескалација во критичен момент од борбите.
Нашиот MQ-9 вршеше рутински операции во меѓународниот воздушен простор кога беше пресретнат и погоден од руски авион, што резултираше со пад и целосно губење на MQ-9. Овој небезбеден и непрофесионален чин на Русите за малку ќе предизвикаше пад на двете летала, изјави генералот на американските воздухопловни сили Џејмс Хекер, командант на американските ВВС во Европа и Африка.
Генералот Кристофер Каволи, главниот воен командант на НАТО, наводно ги информирал сите 30 земји-членки на воената алијанса за пријавениот инцидент над Црното Море. Воздухопловните сили на САД објавија соопштение во кое ги обвинија руските авиони дека се однесуваат на „невнимателен, еколошки нездрав и непрофесионален начин“.
Околу 7:03 часот (CET) еден од руските авиони Су-27 го погоди пропелерот на MQ-9, принудувајќи ги американските сили да го соборат MQ-9 во меѓународни води. Неколку пати пред сударот, Су-27 млазни авиони истуриле гориво и летале пред MQ-9 на несовесен, еколошки нездрав и непрофесионален начин, се вели во соопштението.
Г.Т.