Украинските војници со автоматско оружје на нивна територија собориле лесно достапен вооружен дрон од кинеско производство, објави Си-Ен-Ен.
Станува збор за беспилотното летало „Мугин-5“, кое може да се купи преку веб-страницата „Алибаба“ за само 15.000 долари, а кое е доградено и вооружено, јавува американската телевизија.
Од Службата за безбедност на Украина (СБУ) за Си-Ен-Ен изјавија дека нивните агенти, кои се наоѓаат на територијата под руска контрола, ги предупредиле дека оттаму било лансирано беспилотно летало и се упатило кон украинска цел.
СБУ потоа го вклучил алармот со воените единици со седиште во источна Украина, во близина на градот Славјанск, а во саботата, околу 2 часот по полноќ, борците на 111-та бригада на територијалната одбрана на Украина го лоцирале леталото.
Дронот летал на многу мала височина, доволно блиску за да може да го соборат со рачно оружје АК-47.
Компанијата „Мугин Лимитед“ потврди за Си-Ен-Ен дека тоа е нивниот авион, нарекувајќи го тоа „несреќен инцидент“.
Вооружениот комерцијален дрон немал камера, што значи дека не можел да се користи за извидување, што во суштина го прави ненаведувана бомба.
Си-Ен-Ен наведува дека е видлива дупка од куршум во предниот дел на дронот, дека леталото се распаднало и претрпело значителна штета.
Војниците на новинарите им покажале и кратер на земјата создаден од бомба која ја носело беспилотно летало, тешко околу 20 килограми, што подоцна било безбедно детонирано од украинските борци.