Со петиција на интернет „Огнената група“ на ДУИ вели дека ќе почне обид за разрешување на Артан Груби и на владини министри. Ова вчера го најави претставникот на групата Изет Меџити по собирот со граѓани за кој рече дека покажува огромна бројка на незадоволни во ДУИ.
-Денеска е петиција. Утре и задутре сигурно ќе има и други механизми, демократски. Ние сме искусни во политиката, секој ден сме со граѓаните и ќе најдеме начин да победиме и овојпат. Прво рекоа дека само двајца-тројца се незадоволни, после излезе само во Чаир и Сарај. Сега гледаме дека и во Тетово и сегде луѓето, гласачите, структурата се незадоволни од владеењето на Груби и другите, истакна Изет Меџити во изјава за ТВ Телма.
Според него, членовите на ДУИ кои не се согласуваат со работата на министрите во Владата имаат разни притисоци. Тврди дека веќе неколкумина имаат добиени откази, а дел се под притисок со разни контроли и инспекциски надзори.