Митрополитот Кијивски и цела Украина, Епифаниј испрати послание до Поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан, во кое ја споделува радосната вест дека Украинската православна црква ја признава автокефалноста на МПЦ – ОА, јави Цивил Медиа.
Со благодарност на Троичниот Бог, со радост и вдахновение, ја примивме веста дека благодарение на канонската одлука на Вселенската патријаршија – Првиот престол на православието и нашата заедничка Мајка Црква – е обновена евхаристиската комуникација за Православната црква во вашата земја со полнотата на Црквата. Ова ја откри канонската одговорност што отците му ја довериле на Вселенскиот патријарх да ги реши тешките прашања што се појавуваат во животот на Црквата и да даде решение кое носи исцелување од раните предизвикани од раздорот и поделеноста, пишува Митрополитот Епифаниј во посланието.
Митрополитот се осврнува на тоа што и Украина, како и Македонија, помина низ тежок пат во својот црковен развој и истакнува дека благодарение на разбирањето и договорот со Мајката Црква, со Вселенската Патријаршија, Црквата во Северна Македонија процвета.
Искрено се надеваме и се молиме на Семоќниот Бог ова патување да биде завршено во догледно време, но по можност што е можно поскоро, преку Вашето прифаќање на патријаршискиот и синодален Томос за автокефалност, исто како што со благодарност го примивме од Вселенската патријаршија., пишува Митрополитот Епифаниј.
Тој истакнува дека овој пат е единствениот што се заснова на канонскиот поредок и Традицијата на Црквата, и на тој начин сите нови Помесни Цркви го добија благословот на својата автокефалност, бидејќи никој не може да го присвои правото што му припаѓа само на Првиот престол – Голема Христова црква во Константинопол.