Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, заедно со организациониот секретар на СДСМ Вангел Андрески и претседателот на ОО СДСМ Центар и градоначалник на општина центар, Горан Герасимовски денеска ги посетија и се дружеа со пензионерите од пензионерскиот клуб на општина Центар.
Во изјава за медиуми дадена по средбата, потпретседателот Богоев посочи дека оваа СДСМ на дело ја покажува грижата за пензионерите и преку системско решение обезбедува континуиран раст на пензиите за сите 330.000 пензионери.
„Имаме историско зголемување на пензиите од 8,4 отсто што се случи овој месец. Заедно со минатите две зголемувања во септември и во март 2022, но и наредното зголемување веќе во септември оваа година, доаѓаме до вкупна бројка од 25 отсто зголемување на пензиите во период од само една и пол година. Ова е заложбата на СДСМ и Коалицијата од која не отстапуваме. Пензионерите се луѓето кои што нас нè израснале и нормално и редно сега ние да им возвратиме со ваква грижа“ порача Богоев.
Покрај ова, додаде тој, на пензионерите им помагаме и со замрзнување на цените на основните продукти.
„Сметаме дека со зголемени пензии и плати и со намалени цени на основни прехранбени продукти, зголемен износ на поврат од Мој ДДВ, навистина им помагаме на пензионерите да можат да ги премостат последиците од кризата“ заклучи потпретседателот Богоев.
Покрај дружбата Богоев, Андрески и Герасимовски заедно со пензионерите од Центар, засадија и дрвца пред Пензионерскиот клуб, симболично одбележувајќи го и започнувањето на пролетта.