Ние ќе го направиме се она на со што може да се ограничи цената, а што нема да влијае на дисбаланс на пазарот, бидејќи потврдивме и покажавме дека може да се направи, а притоа да нема недостиг на пазарот, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.
– Ние правиме анализи за сите производи, дел од тие анализи се готови, меѓутоа мора да бидат усогласени и со други министерства. Во моментот работат Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, нормално во соработка со производителите и со преработувачите, за да може да бидат донесени одлуки коишто ќе бидат добри и во интерес на граѓаните, меѓутоа и на вработените во фабриките што произведуваат, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје.
Тој додаде дека не може да се каже дека за една група на производи може да има една мерка, бидејќи, како што рече, во секој производ постојат артикли од коишто дел се произведуваат кај нас, меѓутоа дел се од увоз.
– Затоа и кога ќе ги видите мерките за лебот се знае на кои типови на леб цената е замрзната. Исто така, кога зборуваме за тестенини се знае за кои типови на тестенини е намалена цената за 15 проценти и исто кај млечните производи кај кој е намалена за 10 проценти, прецизира Ковачевски