Кинескиот претседател Си Џинпинг, кој оваа недела беше во посета на Русија, каде што разговараше со претседателот Владимир Путин, сега треба да се сретне и со неговиот украински колега Володимир Зеленски, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесува ДПА.
Кина претходно соопшти дека се обидува да иницира мировни преговори, па во тој контекст подготви и мировен план од 12 точки, кој беше одобрен од Путин.
Сметаме дека е важно да се разговара не само со рускиот претседател, туку и со украинскиот, рече Шолц во Брисел, каде вчера и денеска учествуваше на состанокот на врвот на Европската Унија. – Јасно е дека во основата на праведен мировен договор постигнат со Украина е повлекување на руските трупи, потенцираше тој.
Шолц повторно ја предупреди Кина да не испраќа оружје во Русија, бидејќи „тоа би било голема грешка“.
Високи европски и американски претставници изјавија дека до сега нема докази дека биле извршени такви испораки, посочува ДПА.
Во средата заврши тридневната посета на Си Џинпинг на Москва, во која тој во понеделникот и вторникот разговараше со Путин за војската и за проширувањето на трговските односи меѓу двете земји. Од Москва, кинескиот претседател отпатува директно во Пекинг.
Извор: МИА