Премиерот Димитар Ковачевски пристигна во Белград, каде утре ќе се потпишат три меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан.
„Драго ми е што вечерва сум гостин на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на премиерката Ана Брнабиќ.
Мојата посета ја започнувам со пријатна заедничка прошетка низ убавото шеталиште покрај Сава во Белград.
Споделивме размислувања за цврстото пријателство, соработката, партнeрството меѓу нашите две земји како и визијата за иднината на Западен Балкан“, објави на Фејсбук премиерот Ковачевски.
Во владината делегација која ја предводи премиерот Ковачевски се министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.
Во Белград Ковачевски утре ќе биде пречекан на церемонија со највисоки државни и воени почести, по што тој ќе има тет-а-тет средба со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ.
Двете владини делегации, предводени од премиерите Ковачевски и Брнабиќ ќе одржат заедничка пленарна средба, на која ќе се разговара за теми од интерес на граѓаните на двете земји, како и за натамошното продлабочување на односите.
По пленарната средба, предвидено е потпишување на три меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан, по што ќе следува заедничка прес- конференција на двајцата премиери, Ковачевски и Брнабиќ.
Во Белград утре ќе бидат потпишани Меморандум за разбирање меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Србија, за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница, Меморандум за разбирање – проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и Меморандум за соработка во рударството и енергетиката.