За познавачите на состојбите во градежништвото обидот на градоначалникот Герасимовски да го реши проблемот со дивоградбите преку нивна конфискација не само што не е реален, туку не го ни начнува евентуалното решение. Архитекотот проф. д-р Мирослав Грчев во интервју за „Локално“, посочува дека деценискиот проблем со дивоградбите е многу поголем и исклучително сложен, а произлегува од апсурдноста на нашиот правен поредок во кој бесправните градби уживаат поголема правна заштита од легалните.
Како аргумент ги издвојува Законот за сопственост и други стварни права од 2002 година и Законот за постапување со бесправно изградените објекти кој, како што вели, го укинал целиот правен и уставен поредок во Републиката во полза на бесправните гради.
„Откако беше продолжуван повеќе пати овој најомилен закон во македонската историја предизвикува носталгични солзи кај многумина, очигледно и кај влијателни групи, та пред собранието беше пред некоја година направен обид да се донесе и втор закон за легализација на дивоградбите… Ние сме нација на дивоградбаши што го жртвувавме уставноправниот поредок во полза на дивото градење, та не треба да трошиме време околу идејата за конфискација“, забележува Грчев.
Оттука, се повикува на искуството во уставно правните системи во светот кое подразбира законска забрана нелегално стекнатиот имот да стане легална сопственост.
„Ние во Законот за сопственост и други стварни права имаме поглавје „Стекнување на сопственост со бесправно градење“, хахахаха, тоа е како да имате поглавје во Кривичниот законик кое гласи „Законско перење на украдени пари“, велелепно… а вие ме прашувате за превентивни мерки?!’’, реагира Грчев.
Целото интервју на следниот линк!