Поранешниот премиер Зоран Заев во анализа за списанието „Предизвици“, на тема „отпорноста на демократиите“ пишува дека демократијата ќе преовлада и покрај предизвикувачките моменти и авторитарни тенденции во светот.
-Само еден ден пред почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина, на 23 февруари 2022 година, Фондацијата „Бертелсман“ го објави Индексот на трансформацијата на општествата и констатираше дека за првпат од 2004 година, од кога се спроведува ова истражување, на листата имаше повеќе автократски управувани држави отколку демократии. Помеѓу 137-те земји коишто беа вклучени во формирањето на индексот, 67 беа констатирани како демократии, додека бројот на автократии се искачи на 70. Во 2022 година индексот беше објавен во период кога светот полека почнуваше да се извлекува од кризата со Ковид-19, па оттаму, аналитичарите на резултатите од овој показател што ги мери: политичките, економските и трендовите на доброто владеење, констатираа надолни трендови по сите критериуми. Сепак, анализата констатира и нагласен ангажман на граѓанското општество во земјите опфатени во истражувањето, што покажа зрак надеж наспроти предупредувањата за падот на демократските стандарди, оценува Заев.
Според него слична е состојбата и со истражувањата за Индексот на демократијата за 2022 година на „Економист“, како во однос на реалната состојба, така и во однос на оптимизмот дека има проблесоци на надеж дека демократијата ќе се држи отпорна и еластична и ќе напредува на фронтот, наспроти автократските режими.
-Според овој индекс, 72 од 167 земји, или 43,1 % од вкупниот број, може да се сметаат за демократии. Бројот на „целосни демократии“ се зголемил на 24 во 2022 година, а бројот на „демократии со недостатоци“ (flawed democracies) изнесува 48. Преостанатите 95 земји во Индексот на демократијата на „Економист“ спаѓаат во категориите „хибридни режими“ – 36, а како „авторитарни режими“ се оценети 59 држави. Република Северна Македонија веќе втора година е во групата демократски земји и тоа е за одбележување доколку се знае дека земјата од 2016 година беше заглавена во групата „хибридни режими“, каде што ја сместија поранешниот премиер Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, кога земјата беше препознавана како „заробена држава“, пишува Заев.
Тој додаде дека со анализата повикува да негуваме услови за отпорна, односно резилиентна демократија, како противтежа на авторитарните тенденции, реална потреба и силна надеж и оптимизам дека, наспроти сите закани, демократијата ќе преовладее.
-Дека оваа надеж не е неоснована говорат и наодите на истражувањето на Институтот „Тони Блер“ објавено на почетокот од јануари годинава. Тоа констатира најмал број на популистички лидери во светот во последните 20 години, како и намалување на вкупното население коешто живее во популистички режими од 2.5, на 1.7 милијарди жители, од вкупно 8 милијарди жители во светот. Овие тенденции се должат, пред сè, на падот на автократските лидерства во: САД, Бразил, Словенија, Филипини и Шри Ланка. Тоа фрли зрак светлина што треба да се искористи како мотивација, но никако не смее да се разбере како некаков пресврт, ниту, пак, спокојно да се набљудува. Двете глобални кризни ситуации – пандемијата и руската инвазија, што повлекоа и други сериозни последици и закани, како што се: глобалната криза со храна, енергетската и финансиската криза, предизвикаа состојба на несигурност која од глобален аспект се префрли и во национални рамки, а во поголема или помала мерка зафати огромен број земји, смета поранешниот премиер.