Голем скандал се случи вчера вечерта во Струмица. Дел од навивачите на женскиот одбојкарски клуб Наковски Волеј скандираа „Путин“ за време на натпреварот со скопскиот клуб Јанта Волеј Форца. Покрај тоа, тренерот на струмичката екипа, Хари Наковски, вербално се нафрли гостинската екипа, според извори на ЦИВИЛ Медиа.
Турканиците беа забележани и на кратко видео што беше објавено на социјалните профили на скопскиот Јанта Волеј Форца. Тренерот Наковски ги одрече наводите дека вербално се пресметувал со гостинската екипа, туку дека, напротив, се обидувал да ја смири ситуацијата, според изјавата за Спорт Медиа.
Во скопскиот клуб Јанта Волеј Форца играат две Украинки, што веројатно била „инспирација“ за путинољупците на трибините.
Според извор на ЦИВИЛ Медиа кој сакаше да остане анонимен, ова не е прв инцидент од овој вид. Истото скандирање можеше да се слушне и за време на натпреварот во истата сала на 23 ноември минатата година. На тој натпревар минатата година, Наковски заработи пријава од нападнатиот скопски клуб, што заврши со судска одлука против него. Но осуда или казна од Одбојкарската федерација изостана.
Срамното и скандалозно однесување на струмичките домаќини на овој спортски натпревар заслужува само згрозување и крајна осуда.