Координаторот на советничка група на СДСМ и коалицијата во општина Аеродром, Милутин Ристески, во објава на Фејсбук лоцира дива депонија во Стар Ареодром и коментира за приоритетите на Општина Аеродром. Тој пресметува колку има од депонијата до „Воинот на коњ“, до „Ќосето“ и до ОК на ВМРО-ДПМНЕ Аеродром.
„2330. Точно толку метри има од оваа депонија во Стар Аеродром до „Воинот на коњ“ во строгиот центар на Скопје. 1891 метар до точката каде што до пред 5 години стоеше „Ќосето“ сосе „долгата рака на ВМРО“. Само 62 метри до најблиската просторија каде што ОК на ВМРО-ДПМНЕ Аеродром ги држи своите редовни состаноци со Тимчо Муцунски. Ама нели Ќосето е најважно да го донесеме во Аеродром? Ова не мора никој да го исчисти. Нека стои така, да потсетува колку тоа ДПМНЕ „се грижи“ за своите сограѓани од Аеродром!“, пишува Ристески.
Минатата недела Советот на Општина Аеродром на седница со мнозинство гласови ја усвои иницијативата на советничката група на партијата Левица, споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето да се постави на територија на општината, во паркот во Горно Лисиче.
Иницијативата на советниците на Левица беше поддржана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Членовите на Советот од СДСМ, ВМРО-НП и НСДП гласаа против оваа иницијатива со порака „наместо да нè враќаат во темното минато на Груевски и Ќосето, ВМРО-ДПМНЕ и Левица нека се позанимаваат со решавање на реалните проблеми на граѓаните денес“.
Претходно Град Скопје испрати Барање до Општина Центар за добивање согласност за отпочнување на законска постапка согласно која би отпочнала процедура за враќање на спомен обележјето на „Ќосето“ на истата локација, на крстосницата помеѓу булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“.
Од Општина Центар вратија дека немаат надлежност и нагласија дека за вакви споменици е надлежно Собранието на Северна Македонија.
„На погрешна адреса е испратено барањето. Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму, ова прашање не може да се третира на општинско ниво. Град Скопје треба да се обрати до Собранието. Што се однесува до самиот споменик, во минатото институциите утврдија бројни законски прекршувања при поставувањето на истиот, меѓу кои и Законот за поставување на спомен обележја. Верувам дека институциите во однос на овој случај ќе постапат целосно според законот, бидејќи во минатото истиот предизвика многу контроверзии“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
J. Ѓ.