Здружението на Украинците, „Лесја Украинка“ излезе со соопштение до медиумите преку кое упатува апел до Република Северна Македонија да се приклучи на групата од 33 држави, за создавање Специјален трибунал како механизам за изведување пред лицето на правдата на руските лидери вклучени во злосторствата во Украина.
„Неодамна Меѓународниот кривичен суд во Хаг објави дека распиша налог за апсење на претседателот на руската федерација, владимир путин, како и за апсење на комесарката за правата на децата во руската федерација, марија лвова-белова, за незаконското депортирање на украински деца.
За нас, за Украинците, ова е историска одлука за Украина и за целиот систем на меѓународно право, меѓутоа тоа е само почеток на долгиот пат до враќање на правдата. И овој пат мораме да го поминеме заедно со целиот слободен и демократски свет, заедно со пријателската Република Северна Македонија.
Очекуваме сите држави, кои се сметаат себеси за дел од цивилизираниот свет, да преземат соодветни чекори за изведување пред лицето на правдата на осомничените за сторени меѓународни злосторства.
Сигурни сме дека апсолутно правичната одлука на Меѓународниот кривичен суд ќе има катастрофални последици за путин и неговиот најблизок круг!
Сите знаат дека Украина прави максимални напори да создаде механизам за изведување пред лицето на правдата на руските лидери вклучени во злосторствата во Украина. Основната група за создавање на Специјален трибунал, која работи на можни алгоритми за работа, веќе вклучува 33 држави.
Украинската заедница се обраќа со молба до Северна Македонија да се приклучи на оваа група за да бидат казнети оние кои се виновни за убиства, силување, тортура, киднапирање деца, со цел да не се прошири злото низ светот.“, се наведува во соопштението од „Лесја Украинка“.