Србија е единствената европска земја која одби да воведе санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина. Сепак, таа се согласи да достави оружје за Кијив или веќе го испрати, наведува Ројтерс, кој се повикува на обелоденети тајни документи на Пентагон.
Документот, резиме на одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука и „смртоносна помош“ или оружје, беше меѓу десетиците доверливи документи објавени на интернет во последниве недели во она што може да биде најсериозното протекување на тајни од САД во изминатите години.
Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ во изјава ги отфрли информациите како „невистинити“.
„Србија нема, ниту ќе продава оружје на украинската, ниту на руската страна, ниту на земјите што го опкружуваат тој конфликт“, рече Вучевиќ.
Документот на Пентагон насловен “Europe|Response to Ongoing Russia-Ukraine Conflict”, во форма на графикон ги наведува „проценетите позиции“ на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош, пишува Ројтерс.
Графиконот покажува дека Србија одби да обезбеди обука за украинските сили, но се обврза да испрати „смртоносна помош“ или веќе ја достави. Исто така, се вели дека Србија има политичка волја и воена способност да и обезбеди оружје на Украина во иднина.
Документот ја носи ознаката „Secret и NOFORN“, со што се забранува негова дистрибуција на странски разузнавачки служби и војска. Истиот е датиран од 2 март, а со врежана печат на канцеларијата на Здружениот штаб.
Подготви: Ј. Ѓ.