Советот на Европската унија денеска во рамките на Европскиот фонд за мировна помош (ЕПФ) одобри една милијарда евра кои треба да им бидат исплатени на земјите-членки како компензација за трошоците за муниција донирана на Украина од постоечките залихи.
„Со денешната одлука го операционализираме првиот дел од историскиот договор постигнат од лидерите на ЕУ за итна испорака на артилериска муниција во вредност од една милијарда евра за украинските вооружени сили. Нема подобар доказ за заедничката определба на ЕУ да продолжи да го поддржува легитимното право на Украина на самоодбрана од бруталниот руски агресор“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Лидерите на ЕУ на нивниот самит во март го поддржаа планот за набавка на еден милион артилериски гранати од 155 милиметри во текот на следната година.
За таа цел, од Европскиот инструмент за мировна помош беа обезбедени една милијарда евра за набавка на муниција од постоечки залихи и уште една милијарда за нарачка на муниција од калибар 155 мм за пополнување на исцрпените залихи.
Во рамките на Европскиот инструмент за мировна помош досега на Украина и е доделена помош во износ од 4,6 милијарди евра, вклучувајќи ја и денешната одлука.
ЕПФ е основана во 2021 година како вонбуџетски фонд за поддршка на партнерите ширум светот на полето на војската и одбраната, со крајна цел спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.