Претставници на ЦИВИЛ денеска се сретнаа со градоначалникот на општина Гостивар, д-р Арбен Таравари, и му го претставија проектот „Заедно за подобра иднина“ кој се спроведува со поддршка од МНР на Луксембург. Со градоначалникот меѓу другото се разговараше и се договорија заеднички активности за поддршка и промоција на мултикултурата и европските вредности во локалните заедници.
Во мај ќе се одржи јавен настан „Граѓански дијалози“ ќе бидат поканети и претставнички и претставници на локалните институции на власта, бизнис заедницата, образовните установи, граѓанските организации и други форми на граѓанско здружување, етнички и верски заедници и други лидери во заедниците. А во септември, ќе се распише конкурс за ликовни илустрации во однос на мултикултурализмот и почитувањето на различностите кај учениците во основните училишта.
За време на средбата, градоначалникот истакна дека Општина Гостивар останува посветена на промовирањето на мултикултурализмот, постојаното негување и градење услови кои живеат, учат и работат различни етнички и верски заедници во хармонија и со меѓусебно почитување, е ставот на Градоначалникот на Гостивар, д-р Арбен Таравари. Тој кажа дека „сите претходни градоначалници дадоа свој придонес кон развојот на меѓуетничките односи во Гостивар.“
Според д-р Таравари, еден од показателите за хармонијата меѓу различните заедници во општината е и тоа што пред општината се веат македонското, албанското, турското и ромското знаме. Патем, пред општината се истакнати и знамињата на ЕУ и САД што ја покажува прозападната и проевропската ориентација на локалната администрација и заедниците што живеат во Гостивар.
Д-р Таравари изрази целосна поддршка на активностите на ЦИВИЛ и посочи дека и лично и заедно со својот тим ќе се заложи за успех на договорените заеднички активности.
Средбата со градоначалникот на општина Гостивар, како и онаа во Куманово, Штип, и скопската општина Центар, а подоцна и во други општини во Скопје и низ земјата, се дел од серијата средби на ЦИВИЛ со носителите на одлуки на локално ниво.
Д. Тахири / Цивил Медиа