Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Општина Битола (ќе) поддржува терористичко загрозување на уставниот поредок со народни пари. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и со помош на советничката од ЛДП-ДОМ (која обезбедила кворум за гласање), донеле одлука да им доделат еднакратна помош по 162 евра, (10.000 денари) на семејствата на правосилно осудените (или како што ги нарекуваат „уставобранителите“), кои што на 27 април 2017 година влегоа во Собранието на Република Северна Македонија да ги тепаат пратениците од СДСМ и Алијанса за Албанците.
Ова не е прва парична награда за тепачите од „27 април“ кои се осудени на затворска казна. Прва таква акција за собирање на парична помош за осудените за „крвавиот четврток“ се случи на 22 и 23 декември 2017 година кога се одржа партискиот конгрес во Валандово за избор на наследник на Никола Груевски за лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш беше поставена кутија над која пишуваше „место за донации за неправедно притворените уставобранители од 27 април 2017 година“. Но, никогаш не се дозна колку и дали воопшто беа собрани некакви пари.
Во изминатите неколку години македонските иселеници собираа пари за семејствата на т.н. „уставобранители“ кои се осудени на затворски казни. Таква акција за собирање пари за насилниците од „27 април“ имаше и од неколку кривопаланчани кои собраа едвај 300 евра (18.000 денари).
Ако советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица беа навистина толкави „патриоти“ и загрижени за семејствата на како што ги нарекуваат „уставобранителите“ кои се во затвор, зошто не се откажаа од своите плати да ги донираат на семејствата? Или најлесно се глуми патриот со народни пари?!