Во Италија е вратен пристапот до четботот ChatGPT, пренесе Би-би-си.
Четботот беше забранет од италијанскиот орган за заштита на податоци на почетокот од април, поради загриженост за приватноста.
Матичната компанија на ChatGPT, „ОпенАИ“, инаку поддржана од „Мајкрософт“, рече дека успешно ги разјаснила прашањата со италијанскиот регулатор.
Од компанијата велат дека нејзината политика за приватност сега е достапна за луѓето пред да се регистрираат за ChatGPT и дека е воведена нова алатка за проверка на возраста на корисниците.
Италијанскиот орган за заштита на податоци, познат и како Гаранте, привремено го ограничи четботот и започна истрага поради сомневања за прекршување на правилата од страна на апликацијата.
„ОпенАИ“ објасни дека ќе обезбеди и нов формулар за корисниците во Европската Унија да можат да го искористат своето право да се спротивстават на неговото управување со личните податоци при обуката на јазичниот модел.
Италијанскиот регулатор за Би-би-си изјавил дека ги поздравува мерките спроведени од „ОпенАИ“, но повика на уште поголема усогласеност.
Од Гаранте изјавиле дека ќе ги продолжат своите активности за утврдување на фактите во случајот, заедно со ад-хок работната група што беше формирана од Европскиот одбор за заштита на податоци.
Извор: Мета.мк