Универзитетската изборна комисија денеска на состанок треба да ја утврди листата на кандидатите кои ќе влезат во трка за прв човек на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје на изборите на 30 мај.
Рокот за поднесување кандидатури истече вчера и во Архивата на УКИМ биле примени пријавите на шест професори од Скопскиот универзитет кои се кандидати за ректор на УКИМ во мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година.
Претседателката на Универзитетската изборна комисија, проф. д-р Родна Живковска, за МИА изјави дека Комисијата денеска на состанок ќе ги разгледа пријавите на кандидатите и ќе ја утврди официјално листата која ќе биде објавена на веб-страницата на УКИМ.
Според Роковникот за изборите за ректор, листата ќе им биде доставена на кандидатите и тие ќе имаат право на приговор во рок од три работни дена. По рокот за приговори ќе бидат објавени и програмите за работа на кандидатите за нов ректор.
Гласањето на факултетите и институтите во состав на УКИМ ќе се спроведе на 30 мај кога се очекува да биде избран новиот ректор на УКИМ. Тој треба да го наследи актуелниот, проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој беше ректор во два мандата.