Веќе нема време за калкулации за тоа дали и кои патишта ни се потребни за да можеме да напредуваме економски и да конкурираме на соседите и на целиот регион. Едно е јасно, или ќе бидеме крстосница и главна европска рута на Балканот или земјата ќе остане обиколница бидејќи сите останати земји забрзано работат и ја модернизираат својата патна инфраструктура, порача денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Тој потсети дека пред само неколку месеци, по децении лобирање, Владата, заедно со владите на Бугарија, Албанија и Италија, успеа Коридорот 8 да го вметне во мапата на главни европски коридори на Западен Балкан.
-Но, ова не значи дека ние овде сме ја завршиле задачата, туку напротив, секоја одговорна влада во истиот момент мора да почне акција и да покаже резултат преку изградба на новите модерни делници на нашите паневропски коридори. Министерството за транспорт и врски направи измени во два суштински закона: Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Граѓаните имаат право да знаат дека овие законски измени не се однесуваат само на изградбата на коридорите 8 и 10 д. Тие се носат со цел да ги забрзаме сите постапки за изградбата на патиштата, железничките пруги, за гасоводите, енергетските градби и други инфраструкурни градби од јавен и национален интерес. Овде спаѓаат и проектите финансирани со средства од страна на ЕУ и грантови коишто ги добиваме и од други финансиски институции, а посебно би ги нагласил магистралните гасоводи и железничката пруга кон Бугарија и Албанија. Нема заобиколување на постапките, нема скратување на фазите при градењето. Со законските измени само ги забрзуваме процедурите и ги намалуваме роковите заради ефикасност и економичност во изградбата, рече Бочварски.