Американското Министерство за одбрана денеска најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 1,2 милијарди долари, а вклучува и противвоздушни системи, муниција и финансиски средства за обука на војниците, јави Си Ен Ен.
Овој пакет на Американска иницијатива за помош за Украина (УСАИ) ја нагласува континуираната посветеност на САД да ги исполнат најитните барања на Украина, како што се испраќање системи за противвоздушна одбрана и муниција, истовремено градејќи го капацитетот на вооружените сили на Украина да ја бранат својата територија и да ја одвратат руската агресија во долг временски период, се наведува во соопштението од Пентагон.
Американското Министерство за одбрана исто така посочува дека ќе бидат испратени артилериски гранати од калибар 155 милиметри, но и дека ќе се обезбедат комерцијални услуги за сателитски слики и поддршка за активности за обука и одржување.
Воената помош, која првпат ја објави Асошиејтед прес, доаѓа во моемнт кога Конгресот и Белата куќа дебатираат за начини да се избегне неисполнување на долгот на нацијата, при што многу републиканци бараат остри кратења на домашните трошоци во замена за укинување на лимитот на долгот.
#BREAKING US announces $1.2 billion in new military aid for Ukraine pic.twitter.com/vvgJYgKM60
— AFP News Agency (@AFP) May 9, 2023
Сепак, членовите на двете партии инсистираат на тоа дека ја поддржуваат континуираната помош за Украина, вклучително и републиканскиот претседател на Претставничкиот дом Кевин Мекарти и Мич Меконел, главниот републиканец во Сенатот.
Последната помош е одобрена додека Украина се подготвува да започне пролетна офанзива против руските сили, а противвоздушната одбрана е постојан проблем.
Г. Т.