Ден за кариерен развој ќе се одржи денеска од 12 до 16 часот на техничкиот кампус на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје (голем паркинг кај ФЕИТ и Машински факултет), во организација на Центарот за кариера на УКИМ. Настанот е наменет за сите студенти со цел унапредување на нивните вештини и насочување во натамошен кариерен развој.
Како што соопшти УКИМ, ќе учествуваат 30 етаблирани компании од земјава и странство кои ќе презентираат можности за вработување и практикантство за време и по завршувањето на студиите.
-Со свои штандови ќе се претстават: Алкалоид, Филип Морис ТКП, Џонсон Мети, Реплек, Зегин, Јака Нова, Маркарт Македонија, ИГМ Трејд, Van Hool, Вабтек МЗТ, НЛБ банка, ПроКредит Банка, Шпаркасе Банка, Рудник САСА, Синцеритас, Микросам Прилеп, 42 Dynamics, Аспект, ИТХР Македонија, Макстил, Цеметарница Усје, Раде Кончар ТЕП, Жито Лукс, Окта, Технопериа, Адиент, ЛТХ Леарница, IT-Labs, АСК, Thrivity, информира Скопскиот универзитет.
На штандот на Асоцијацијата на советници за развој на кариера-АСК, студентите ќе може да креираат професионално Си-Ви и кариерните советници ќе бидат достапни за непосреден разговор и кариерно насочување.
IT-Labs на настанот ќе ја претстават апликацијата за учење на знаковен јазик SignTalks – едукативна апликација за полесно и поефикасно учење на знаковен јазик со помош на вештачка интелигенција, а секој од учесниците/посетителите ќе може да придонесе за развој на базата преку снимање на видеа како се прават знаците.
Во рамки на Денот на кариерен развој ќе има две работилници: „Ви треба ли Chat GPT за планирање кариера?“ и „Вмрежување – зошто е важно во процесот на барање работа?“
На отворањето на настанот ќе се обратат ректорот на УКИМ, проф.д-р Никола Јанкуловски, раководителот на Центарот за кариера на УКИМ, проф.д-р Јасмина Тониќ Рибарска и претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Славчо Темелковски.