Советот на Обединети нации за човекови права денеска одржува итен состанок со цел да го привлече вниманието на убиствата, повредите и другите злоупотреби на цивили во Судан, каде минатиот месец избија судири помеѓу трупите на двајцата генерали.
Иницијативата за состанокот потекна од западните држави, а беше поддржана од Чиле, Костарика, Грузија и Киргистан.
Четириесет и седум земји-членки на Советот на ОН за човекови права ќе гласаат за резолуцијата со која дополнително ќе се преиспита кршењето на човековите права во Судан.
ОН изразија загриженост поради тешката состојба на цивилите кои се во вкрстен оган, како и поради несигурното снабдување со храна и друга помош. Обединети нации побараа од соседните земји на Судан поддршка за прием на бегалци.
Во меѓувреме, десетици независни експерти кои работат за Канцеларијата за човекови права на ОН денеска објавија заедничка изјава во која се наведува дека „цивилите од сите возрасти трпат прекршување на човековите права“ во Судан, вклучително и сексуална злоупотреба, родово засновано насилство, грабежи и недостиг на храна, вода и здравствена заштита.
Судирите во Судан помеѓу лидерот на суданските вооружени сили, генерал Абдел Фатах Бурхан и генералот Мохамед Хамдан Дагал, кој командува со моќната отцепена паравоена група Сили за брза поддршка (РСФ) почнаа во средината на април.
Повеќе од 600 луѓе, вклучително и цивили, загинаа во конфликтот, додека стотици илјади се раселени. Насилството се прошири и во други региони, како што е провинцијата Дарфур.