Цените на горивата во Северна Македонија го продолжуваат трендот на намалување по шокот минатата година и во моментов се најниски во регионот. За разлика од останатите држави во нашето опкружување, каде што цените останаа релативно високи, кај нас тие се вратија на нивото од 2021 година, пред кризата.
Цената за дизелот во земјава изнесува 66,5 денари, односно 1,08 евра што е убедливо најниска цена за дизел во регионот. Најблиску до нас со цената на дизелот е Босна и Херцеговина, каде што дизелот е околу 1,21 евро. Највисока цена за дизел се плаќа во Србија, Грција и Албанија каде што тој изнесува околу 1,54 евра.
Слична е ситуацијата и со цените на бензинот. Безоловниот бензин со 95 октани во земјава чини 77 денари, или 1,25 евра, во Босна и Херцеговина тој е околу 1,28 евра, додека во Грција цената на литар бензин е 1,85 евра.
Ваквите податоци се доказ дека навремените мерки за справување со економската и енергетската криза го дадоа вистинскиот резултат и освен што спречија подрастичен скок во екот на кризата, донесоа и побрзо и посилно опоравување.
Покачувањето на цените на нафтените деривати беше наведено како главна причина за покачувањето на цените на автобуските билети и на такси превозот во Скопје. Тогаш превозниците се правдаа дека со новите цени на нафтата, мора да се ревидираат и цените на билетите.
Сега, со намалувањето на цените на дизелот и бензинот и нивното враќање на нивото од пред кризата, односно од 2021 година, за очекување е и цените на автобускиот и такси превозот да се вратат на истото ниво.
Додека цените за автобускиот превоз го одредуваат самите компании кои сообраќаат на релациите, цените на такси превозот во Скопје го одредува Град Скопје.
Д. Е.