Средношколец од гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип вчера на социјалната мрежа „Инстаграм“ објавил текст со заканувачка содржина. Случајот го потврди СВР Штип од каде информираа дека тој е приведен.
– Полициски службеници од СВР- Штип го лишиле од слобода 18-годишен Б.Д.од Штип, бидејќи во 12:18 часот во СВР Штип, од гимназијата во Штип, каде тој е ученик, било пријавено дека на неговиот профил на Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението од СВР-Штип.
Директорот на училиштето Марјан Арсов денеска во изјава за медиумите рече дека службите во училиштето направиле разговор со ученикот и со неговите родители.
-Во текот на вчерашниот ден добивме дојава дека на социјалните медиуми од еден ученик има закана. Тоа кај нас го вклучи алармот и како директор и училиште ги презедовме сите мерки што ни се на располагање. Беше повикана целата служба и родителите на ученикот и се разговараше на таа тема, изјави Арсов.
Според Арсов, настава има во двете смени. – Апелираме до родителите совесно да ги пуштат децата на училиште и дека се ќе биде во најдобар ред, рече Арсов.
Ова е прва ваква објава на социјалните мрежи од страна на ученик во Штип.