Бангладеш и Мјанмар денеска се подготвуваат за евакуација на стотици илјади жители од крајбрежните области поради најавата за силен циклон во Бенгалскиот залив.
Претставници на метеоролошките служби соопштија дека циклонот Мока се очекува во недела со ветер со брзина до 175 километри на час да ја покрие областа помеѓу Кокс Базар во Бангладеш и Кјаукпју во Мјанмар.
Држава во која живеат над 160 милиони жители подготвува евакуација на околу 500.000 луѓе, која ќе започне утре.
Официјални лица соопштија дека се подготвени 576 засолништа за евакуираните жители од домовите долж брегот на Бангладеш.
Медиумите во Мјанмар објавија дека вежби за одговор при итни случаи се спроведуваат во различни региони.
Во извештаите се наведува дека и илјадници жители кои живеат долж западниот брег на државата Ракин, каде се очекува невремето, се евакуирани.
Метеоролозите велат дека циклонот Мока, прв во годината, е сериозна закана и веројатно ќе погоди милиони рибари и крајбрежни заедници во Бангладеш и Мјанмар.
Циклонот Мока се очекува во недела да ги погоди крајбрежните области, вклучувајќи ги Чатограм, Кокс Базар, Ноахали и Бола во Бангладеш.