Во Музејот на современата уметност, вечерва во 20 часот ќе биде прикажан филмот „Годар: човекот-филм“ (Godard Cinema, 2022), со што го најавуваме годинешниот фокус на ФФФ посветен на францускиот филмски великан Жан-Лик Годар. Проекцијата воедно ја акцентира максимата на овогодишното 13. фестивалско издание којашто гласи „Сè е филм, во множина“.
Годинешната максима, „Сè e филм, во множина“, на ниво на синтакса, повторува една Годарова постапка: брзиот и неочекуван монтажен засек. Затоа и запирката, која не е чест гостин во слогани, тука ни се чини и сосема посакуванa.
Режисерот на филмот „Годар: човекот-филм“, Сирил Лоти, вели дека „она што најмногу привлекува и мотивира кај Годар е тоа што тој допушта сè: ги ослободува режисерите да бидат смели, да експериментираат, да ги предизвикуваат навиките“.
Маршрутата на Годар следи само една насока: постојано обновување на својата уметност. Креативниот чин го гледа како неопходен чин на критика и деконструкција. Годар во една прилика ќе рече: ‘Секогаш поаѓам од негативното. Јас сум позитивен човек кој тргнува од негативното.’ Уметник кој неуморно се преосмислува и кој неизбежно се уништува. Документарниот филм којшто ќе биде прикажан во МСУ е видео-портретот кој нè носи подалеку од клишеата на митот којшто некогаш станува и карикатура, за да сретнеме човек посентиментален отколку што изгледа, човек опседнат, а понекогаш и надминат од својата уметност.
„Годар: човекот-филм“ беше премиерно прикажан во програмата Филмски класици (Venice Classics) на Венецискиот филмски фестивал во 2022 година.
Филозофскиот филмски фестивал кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава ќе се одржи од 2-9 јуни во Кинотеката на С. Македонија. Во рамките на ова фестивалско издание е предвидено да бидат прикажани околу 40 филмови, 50-тина настани, ќе има 18 домашни и странски гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ којашто ќе се одржи во онлајн формат (25-ти и 26-ти мај).
Богатата фестивалска програма е организирана во: Ревијална програма: филм-философија реализирана во партнерство со МЕДИА Деск Мк, двете компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови, Придружна програма (со Фокус Годар), Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекти.
Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура на Р.С. Македонија, во соработка со Кинотеката на С. Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, Музејот на современата уметност Скопје (ФФФ@МСУ), како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.