Над 36.000 луѓе се раселени, а 14 загинаа во поплавите што го погодија североисточниот дел на Италија, соопштија денеска регионалните власти на еден од најбогатите региони во Европа, Емилија-Ромања, каде целосно се поплавени неколку куќи, а во некои села имало и лизгање на земјиштето, пишува Гардијан.
Регионалните власти и за денеска го задржаа црвениот метео аларм бидејќи обилните врнежи не стивнуваат.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека предвреме се враќа од самитот на лидерите на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) во Хирошима, со цел да работи на решавање на кризата.
Искрено, не можам да останам далеку од Италија во толку комплицирано време, им рече Мелони на новинарите во Хирошима. Таа изрази благодарност до спасувачките екипи и волонтерите кои помагаат на терен.
Поплавите предизвикаа повеќе од 305 свлечишта и оштетија повеќе од 500 патишта во регионот.
Градоначалникот на Болоња, Матео Лепоре истакна дека ќе бидат потребни „месеци, а на некои места можеби и години“ за да се поправат патиштата и инфраструктурата.
Г. Т.