Формалните процедури за формирање Влада во Грција, согласно одредбите од Уставот се очекува да започнат денеска, со што ќе се отвори патот за вторите избори и соопштување на датумот за нивно одржување, јави дописничката на МИА од Атина.
Со оглед на тоа што Нова демократија обезбеди 146 пратеници, пет помалку од потребниот минимум од 151 пратеник за мнозинство во Парламентот, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се стреми кон еднопартиска Влада, земјата ќе оди на втори избори или на крајот на јуни или на почетокот на јули.
В.д министерката за внатрешни работи на Грција Калиопи Спану, претпладнево на претседателот на Парламентот Константинос Тасулас ќе му ги достави конечните резултати од синоќешните избори, кој во продолжение ќе ја информира претседателката Катерина Сакеларопулу.
Грчкиот Устав предвидува веднаш по изборите претседателот на државата да ѝ го додели мандатот за формирање Влада на партијата победник, во конкретниот случај Сакеларопулу ќе се сретне со Мицотакис, кој формално нема можност да формира Влада и ќе го врати мандатот.
Потоа мандатот се доделува на втората партија, односно на СИРИЗА, а доколку и таа не успее, го добива и трето рангираната партија, поконкретно ПАСОК- Движење на промена.
Секоја од партиите на располагање има најмногу 72 часа да спроведе консултации со можни коалициони партнери, меѓутоа според синоќешните резултати од изборите, никоја од партиите нема да го задржи мандатот три дена и процедурите ќе се одвиваат многу побргу.
Доколку во законски предвидениот рок земјата не добие Влада, тогаш претседателот свикува лидерска средба за евентуална широка коалиција, а во случај и овој обид да биде неуспешен, тогаш ќе се формира службена Влада со една единствена цел да ја одведе земјата на избори.
Грција експресно ќе се најде во втор предизборен период, а не станува збор за втор круг, туку за нови избори.
На следните, втори избори ќе се спроведе изборниот закон изгласан во 2020 година и ќе се примени мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, што значи и враќање на бонус пратеници за првата партија.
Бонусот нема да биде фиксен од 50 пратеници како претходно, туку бројот ќе биде во зависност од освоените гласови и бројот на партии што ќе останат вон Парламентот и ќе се движи меѓу 20 и 50 дополнителни пратенички места.
Доколку вчерашните избори беа спроведени според мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, а не според пропорционалниот модел, Нова демократија ќе добиеше бонус најмалку 25 пратеници и ќе имаше можност да формира еднопартиска Влада.
Независно од процедурите за формирање Влада новиот парламентарен состав што произлезе од изборите, првата седница ќе треба да ја одржи на 1 јуни, а со оглед на тоа дека земјата ќе оди на нови избори, веднаш ќе биде распуштен.