Итно да се дејствува за диверзификација на енергетските ресурси, порача американската амбасадорка во државава Анџела Агелер на отворањето на шестото издание на МЕФ Енергетскиот Форум 2023.
Европа и Северна Македонија, рече Агелер, се на крстосницата на неколку горки енергетски прашања. Таа нагласи дека енергетската криза од изминатиот период што беше исклучително тешка, а поттикната од руската агресија во Украина потенцирала колку е важна енергетската независност, особено тука во Северна Македонија.
-Имавме напори секаде во Европа, кај американските партнери за да останат топли домовите во Северна Македонија, но овие прашања се уште не се решени. Зимата повторно ќе се врати и апелирам до сите итно да дејствувате за диверзификација на енергетските ресурси, рече Агелер.
Таа истакна дека САД работат напорно на зајакнување на енергетската издржливост и отпорност и потсети дека неодамна и помогаа на Северна Македонија да има транспарентно и ефикасно тргување со електрична енергија.
-Апелираме да се склучуваат партнерства и со локалните бизниси каде што нашите американски партнери може да обезбедуваат производи и услуги за запазување на еколошките цели, рече американската амбасадорка.