Од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени во Собранието до нивното усвојување минимално се потребни 4,5 месеци. Процесот може да почне и без постигнат политички дијалог и да се искористат триесетте дена до првото гласање за постигнување договор, истакна на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери.
-Процедурално не е пречка да се отпочне процесот и да продолжат преговорите за политички консензус. Не е невозможна мисија имајќи ги предвид овие рокови. И додека течат тие рокови има време за дебата. Процедурално е можно, рече претседателот на Собранието.
Искажувајќи лично мислење тој смета дека процесот треба да почне и да заврши.
-Консензус е неминовен во оваа процедура затоа што не може се помине ни во една постапка без тој консензус, рече Џафери.
Во овој случај, додава тој, ова веќе ги надминува интересите на мнозинството. -Ова веќе не е само интерес на мнозинството, ова е интерес на државата на граѓаните. Државата 30 години работи макотрпно на тоа да ги оствари двете стратешки цели кои ги определиле уште при осамостојувањето, ова е можноста, вели Џафери.