Изгледите за брзо смирување на глобалната состојба не се сјајни. Нема ниту една личност во светот која вели дека руската инвазија набргу ќе заврши и особено нема човек кој тврди дека таа ќе заврши на таков начин што ќе имаме расчистена ситуација во која автократските тенденции и автократите ќе се повлечат во својот двор и нема да предизвикуваат проблеми не само во своето непосредно соседство како што го нарекуваат, туку и на континентот, рече денеска претседателот Стево Пендаровски на Македонскиот енергетски форум МЕФ 2023 година, укажувајќи дека руската инвазија не го нарушила само пазарот на енергија, туку и ланците за снабдување со основни животни продукти и на многу други начини.
-Тешко да има потсектор на глобалната економија кој не афектира од руската инвазија на Украина, рече Пендаровски.
Поради војната во Украина, посочи тој, плаќаме многу поскапа енергија и се надевам дека тоа нема да трае со години и оти во меѓувреме нема да мора да наоѓаме алтернативни извори и на снабдување и на енергија.