Локалните избори во Србија, кои се одржуваат во десет општини, се одбележани со бројни инциденти, пријави за нерегуларности и тензична атмосфера на повеќе избирачки места.
Право на глас имаат 247.985 граѓани, а гласањето започна во 7 часот и трае до 20 часот, додека на терен се пријавени низа проблеми – од физички напади до сомнежи за изборни злоупотреби.
Напади и тензии на повеќе локации
Во текот на денот се регистрирани физички пресметки и напади врз граѓани и новинари, пренесува српски N1.
Во Бајина Башта бил нападнат новинар, при што, според адвокатот на оштетениот, станува збор за напад од повеќе лица, кои го удирале по главата.
Во Кула, пак, ситуацијата дополнително ескалирала кога група маскирани лица, вооружени со палки и други предмети, се појавиле во близина на стадион. Тие потоа се повлекле во објект, по што следувале тензии и вербални судири меѓу граѓани и полиција.
Граѓани пријавиле и физички турканици со полицијата, како и повредени лица во инцидентите.
Elections in Serbia, a festival of democracy. @EU_Commission @vonderleyen @Europarl_EN @JosepBorrellF @EUCouncil @EUCouncilPress pic.twitter.com/rLcAebAuVW
— Amfetaminolohije (@amfetaminolohie) March 29, 2026
Пријави за изборни нерегуларности
Набљудувачи и граѓански организации пријавуваат сериозни нерегуларности на повеќе избирачки места.
Во Црвенка гласањето било привремено прекинато поради масовно фотографирање на гласачки ливчиња, што претставува кривично дело. И покрај предупредувањата, според набљудувачи, оваа пракса продолжила, а полицијата не интервенирала.
Дополнително, постојат сомнежи за паралелни избирачки списоци и неправилности во работата на избирачките одбори.
Студенти во блокада објавија дека се обиделе да спречат повеќе нерегуларности, тврдејќи дека на некои места биле откриени паралелни списоци, а во Кула поднеле и кривични пријави против полицијата и непознати лица поради сомнежи за злоупотреби.
Тие наведуваат и дека во одредени средини биле забележани обиди за гласање со невалидни документи, како и непочитување на процедурите при гласање надвор од избирачките места.
Излезноста варира, тензии растат
Според официјалните податоци, излезноста до 16 часот е висока во повеќе општини – над 60 проценти во Бајина Башта и Кула, додека во други средини се движи околу 50 проценти.
И покрај солидниот одѕив, атмосферата на теренот останува напната, со присуство на полиција и зголемени тензии во неколку градови.
Поларизирана атмосфера и обвинувања
Студентските групи тврдат дека симпатизери на владејачката СНС се обиделе да инсценираат нерегуларности за да го компромитираат изборниот процес, додека институциите засега не излегоа со целосна слика за сите пријавени случаи.
Изборниот ден, наместо да помине во мирна атмосфера, е обележан со сериозни обвинувања и инциденти, што дополнително ја продлабочува политичката поларизација во земјата.
Редакција Фронтлајн





































































































