Италија оваа година е сосема поинаква приказна. Ако планирате одмор на Апенинскиот Полуостров, има пет клучни промени во однос на минатата година за кои речиси никој не зборува, а можат целосно да ви ги попречат плановите.
Советите во овој текст се преземени од Heritage Italy (heritanceitaly.com) и се автентични – од туристички професионалци Италијанци, кои редовно објавуват практични препораки за патници што ја посетуваат Италија.
„Како некој што живее во Италија со години, сведок сум на истите грешки што туристите ги повторуваат, но 2026 година носи нови предизвици. Ова веќе не се ситници – станува збор за нови правила што можат да ве заглават на граница, да ве остават без превоз меѓу градовите или едноставно да ви го ускратат влезот во местата поради кои сте дојдени. Прочитајте ги овие ажурирани совети пред да се најдете во хаос уште на самиот аеродром.“
1. Новиот биометриски граничен систем создава аеродромски хаос со повеќечасовни чекања
Ова е најголемата промена за патување во Италија летово и речиси никој не зборува за тоа.
ЕУ во октомври 2025 воведе нов биометриски граничен систем наречен Entry/Exit System (EES). Се воведува етапно и ќе биде целосно оперативен на секој граничен премин до 10 април 2026. Тоа значи дека до моментот кога ќе слеташ за летниот одмор, секој посетител што не е од ЕУ – Американци, Канаѓани, Британци, Австралијци – ќе мора да даде отпечатоци, да му/ѝ се направи фотографија на лицето и пасошките податоци дигитално да се евидентираат при влез. Нема повеќе печати во пасош. Сè е дигитално.
Еве го проблемот: веќе е хаос.
Аеродроми во земјите од ЕУ пријавуваат чекања до 3 часа во сегашната фаза на воведување – и тоа кога само 35% од патниците се процесираат низ системот. Лисабон мораше да го суспендира целиот систем откако редиците достигнаа 7 часа. Женева привремено го исклучила повеќепати. Авиокомпании, аеродромски оператори и IATA испратиле заедничко писмо до ЕУ со предупредување дека летните редици може да достигнат 4 часа или повеќе, освен ако системот не се паузира во шпиц-месеците.
Рим Фјумичино и Милано Малпенса се меѓу аеродромите што веќе имаат значајни доцнења.
Што значи ова за твоето патување:
Не планирај ништо за денот кога слетуваш. Нема тесни железнички конекции. Нема резервации за вечера преку цел град. Ако слетуваш во Рим и истиот попладневен ден фаќаш воз за Фиренца, остави си најмалку 4 или 5 часа на аеродром.
Провери го пасошот веднаш. Мора да е издаден во последните 10 години и да важи најмалку 3 месеци по датумот на заминување од земји од ЕУ. Автоматизираните системи сега строго ги спроведуваат овие правила. Деновите кога граничарот „ќе направи услуга“ за пасош што скоро истекува се завршени.
И уште нешто: системот ETIAS на ЕУ (сличен на американскиот ESTA) стартува кон крајот на 2026. На крај ќе бара од сите патници кои не им треба виза да аплицираат онлајн и да платат 20 евра пред патување во ЕУ. Нема да биде задолжителен до 2027, но порталот треба да се отвори подоцна оваа година. Не користи никаква трета страна што „продава“ ETIAS апликации уште сега – официјалниот систем сè уште не е активен. Секој што ти наплаќа пари за тоа во моментов е измама.
2. Штрајкови во транспортот можат да те заглават меѓу градови без никаква најава
Италија има штрајкови во транспортот речиси секој месец. Ова не е претерување. Возови, автобуси, метро, летови, такси – сите ги погодува планирана индустриска акција во текот на годината. И летото не е исклучок.
Само во првите два месеца од 2026 имало повеќе национални штрајкови што ги погодиле ITA Airways, EasyJet, Trenitalia, Italo, Trenord и локалните превозни системи во Рим, Милано, Фиренца, Неапол и Венеција. ITA Airways откажала приближно 55% од планираните летови за време на штрајкот на 26 февруари. Штрајкот на железница на 27-28 февруари ги погодил сите главни железнички оператори во земјата.
Ова не е „ретка ситуација“. Вака функционира Италија. И ако не знаеш однапред, штрајк може да ти уништи цел ден – пропуштени конекции, откажани возови, нема метро до аеродром.
Што треба да знаеш:
Штрајковите се најавуваат однапред и се објавуваат во официјалниот календар на италијанското Министерство за транспорт (Commissione di Garanzia Sciopero). Провери го пред секој ден кога патуваш.
И за време на штрајк, постојат законски гарантирани часови на работа – обично 7:00–10:00 и 18:00–21:00. Возови и автобуси мора да сообраќаат во тие термини. Ако штрајк падне на твојот ден за патување, префрли го патувањето во еден од тие прозорци.
Italo (приватната компанија за брзи возови) понекогаш не е засегната од штрајкови што ја погодуваат Trenitalia. Секогаш провери ги двете пред да претпоставиш дека рутата е „мртва“.
Ако твојот воз е откажан поради штрајк, имаш право на целосен поврат на пари. И Trenitalia и Italo најчесто го процесираат тоа автоматски во рок од 30 дена.
Имај резервни опции. Симни FlixBus, Itabus и MarinoBus пред да тргнеш од дома. Знај каде е најблиската рент-а-кар локација. И никогаш не претпоставувај дека возот е „гарантиран“ само затоа што си го резервирал/а недели однапред.
Зборот што мора да го препознаеш е „sciopero“. Ако го видиш на постер во станица или го слушнеш во разглас – тоа е штрајк. Не го игнорирај.
3. Веќе не можеш само да се појавиш на големите локации – претходна резервација станува задолжителна
Ова ги фаќа луѓето неподготвени затоа што се смени многу брзо.
Ватиканските музеи технички сè уште продаваат билети на лице место, но во пракса, да се појавиш без резервација во лето е голем ризик. Онлајн билетите се отвораат 60 дена однапред и популарните датуми се распродаваат 2-3 недели претходно. Редицата за купување на лице место може да се протега со часови на жештина, а кога ќе стигнеш на шалтер, единствените слободни термини може да се доцна попладне – или воопшто да нема. Повеќе извори наведуваат дека во шпиц сезона, посетители без резервација често се враќаат назад.
Колосеумот има билетарница на лице место, но само мал број билети за истиот ден се задржуваат за „walk-up“ – и во гужва тие исчезнуваат до пладне. Можеш да чекаш час во ред само за да дознаеш дека единствениот слободен термин е доцна попладне, или дека нема ништо. Онлајн билетите се отвораат 30 дена однапред со временски термин. Ако сакаш подземни нивоа или Arena Floor, тие се распродаваат уште побрзо и бараат посебна резервација.
„Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи во Милано отсекогаш била најтешкиот билет во Италија, но сега е уште полошо. Се пуштаат само 40 луѓе на секои 15 минути. Билетите се пуштаат квартално и се распродаваат речиси веднаш. Ако не резервираш месеци однапред, или плаќаш премиум преку тур-оператор, или воопшто не ја гледаш.
Уфици во Фиренца продава билети со временски термин и онлајн и на врата, но во шпиц лето, билетите на лице место може да се распродадат или да те остават само со доцни попладневни термини. Официјалниот сајт (tickets.uffizi.it) наплатува 29 евра за резервација однапред и 25 евра на врата. Рик Стивс препорачува Уфици да се резервира најмалку еден месец однапред, а Академијата (каде што е Давид) најмалку два месеца. Во јули и август, популарните утрински термини исчезнуваат брзо.
Галерија Боргезе во Рим бара претходна резервација со години и во лето редовно е распродадена една недела или повеќе однапред.
Ова веќе не е прашање на удобност. Без билети однапред, ќе губиш часови во редици, ќе добиеш најлоши термини, или ќе те вратат назад од најголемите атракции во земјата. А да пререзервираш на лице место во јули и август е речиси невозможно.
Резервирај сè што ти е важно пред да се качиш во авион. Не откако ќе слеташ. Не вечерта пред. Пред да тргнеш од дома.
4. Жештината е опасна – не само непријатна
Летото 2025 имаше температури над 40°C низ Рим, Фиренца, Болоња, па дури и делови од северна Италија. Италијанското Министерство за здравство издаваше „bollino rosso“ – црвени аларми, највисоко ниво на опасност – во повеќе од десетина градови. Фиренца повеќепати влезе во црвена зона. Тоа ниво значи дека жештината е здравствен ризик за сите, вклучувајќи и здрави, активни возрасни луѓе.
Ова е новата нормала. Не е „чудна година“. Ако планот ти е да пешачиш 20.000 чекори дневно по калдрма во Рим или Фиренца во јули или август, ти треба стратегија за жештина или патувањето ќе се распадне.
Што навистина функционира:
Сето надворешно разгледување направи го пред 11:00. Колосеум, Форум, плоштади, пешачки тури – рано. По 11:00 оди внатре во музеи, цркви или во хотел. Излези повторно по 17:00 или 18:00.
Носи електролити, не само вода. Дехидрацијата на жешки камени улици без сенка удира многу побрзо отколку што очекуваш. Аптеките во Италија продаваат кесички со електролити (се викаат „integratori di sali minerali“) за околу 5 евра.
Користи ги „nasoni“. Рим има илјадници бесплатни јавни чешми со чиста, ладна вода. Ќе ги гледаш насекаде – мали железни чешми на агли од улици. Користи ги постојано. Но никогаш не влегувај и не допирај украсни фонтани. Тоа е незаконски и казните се реални.
Вметни денови за одмор во маршрутата. Ако планот е Рим → Фиренца → Венеција без пауза, ќе „пукнеш“. Додај плажа, езеро или поспокоен ридски град каде може да се опоравиш.
И знај за Ferragosto (15 август). Голем дел од Италија „се гаси“ околу овој празник. Ресторани затвораат, продавници затвораат, локалните заминуваат на море. Ако си во голем град во неделата околу 15 август, очекувај намалени услуги и „град-дух“ во маалата надвор од туристичкиот центар.
5. Рекордните гужви го менуваат начинот на кој функционираат италијанските градови
Италија пречека 185 милиони туристи во 2025 – 7% повеќе од 2024. Извештај од туристичката опсерваторија на Visit Italy покажал дека 64% од летните посетители рекле дека почувствувале „overtourism“ на дестинацијата. Не „беше малку гужва“, туку дека прекумерниот туризам негативно им влијаел на патувањето.
И градовите реагираат со нови системи што директно влијаат на тоа како се движиш:
Венеција сега бара секој посетител да се регистрира онлајн пред да пристигне – вклучувајќи и оние што преноќуваат. Дневните посетители мора да платат влезна такса на 60 одредени денови во шпиц, меѓу 3 април и 26 јули: 5 евра по лице ако се плати најмалку 4 дена пред посетата, 10 евра ако се плати во рок од 3 дена. Ако не се регистрираш и не добиеш QR код на cda.ve.it, ризикуваш казна до 300 евра. И гости што преноќуваат во хотели, иако се ослободени од плаќање, сепак мора да се регистрираат за QR код за ослободување на истиот сајт. Ова не е опционално. Се спроведува.
Капри го ограничи организираниот туризам во групи на 40 луѓе и забрани мегафони, знаменца и чадори што се користат за „собирање“ туристи. Островот има до 50.000 посетители дневно со само 13.000 жители. Овие правила се нови за лето 2026.
Фиренца забрани туристички водичи да користат мегафони во историските улици, ги ограничи „key box“ кутиите што ги користат Airbnb домаќини во центарот под заштита на УНЕСКО и целосно забрани нови огласи за краткорочно изнајмување во историскиот центар.
Cinque Terre – патеката Via dell’Amore сега бара посебен билет со временски термин, со ограничување на капацитет од 400 пешаци на час и еднонасочно движење во шпиц термини. Други делови од популарните патеки исто така воведуваат еднонасочни правила во денови со голем метеж. Потребна е платена Cinque Terre Card (16–32,50 евра, зависно од сезоната) за пристап до главната „сина“ патека меѓу селата.
Што значи сето ова: деновите кога само ќе се појавиш и ќе шеташ слободно низ најпознатите места во Италија завршуваат. Мора да се регистрираш, да резервираш, да планираш рути и да провериш локални правила пред да пристигнеш – не кога веќе си таму.
Туристите што ќе имаат најдобро лето во Италија оваа година ќе бидат тие што логистиката ја сфатиле сериозно. Затоа што во 2026, таа навистина е важна.
Адаптација Редакција Фронтлајн
Прочитајте и…
Јадење во Италија? 10 грешки што туристите ги прават секој ден







